Ѓорѓија Пулевски
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ѓорѓија Пулевски, (Ѓорѓи Пулевски, бугарски: Георги Пулевски), (1817 - 13 февруари 1893 година)
Роден во селото Галичник Ѓорѓија од печалбар-ѕидар во Романија до почетокот на 60-те години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора поволина на 19 век. Тој ја започнува борбата за слобода на својот народ, истовремено учествувајќи во ослободителната борба и на другите балкански народи. Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина, Пулевски најпрвин се вклучува како доброволец во ослободителните акции во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на "понтонерска чета", се бори против турскиот гарнизон во Белград. Потоа, по избувнувањето на Српско-турската војна (1876) тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска. Веќе во следната година започнува Руско-турската војна и Пулевски е одново со својата чета во редовите на авангардата на руската армија при ослободувањето на Бугарија. Со Одринското примирје и Санстефанскиот прелиминарен договор е прекинато заземањето и на Македонија. Но уште во следната година (1878) Пулевски пак активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ.
Не помалку е значајна неговата културно-национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово првопечатено дело е "Речник од четири јазика" (четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година. Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот. Втората публикувана книга на Пулевски е "Речник од три јазика" (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 година. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет.
По неуспехот на Македонското Кресненско востание и неговото заминување во Софија, во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја "Самовила Македонска". Во неа е одразена идеологијата на македонските учесници во Кресненското востание. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја "Македонска песнарка" (во две книшки). Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни. Во следната 1880 година излегува од печат и "Слогница речовска", којашто претставува прва публикувана граматика на македонскиот јазик. Во неа Пулевски се обидел да создаде основни норми на македонски литературен јазик, комбинирајќи го централно-македонското наречје со словенската писмена традиција во Македонија, креирајќи притоа мошне интересна лексика и позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани.
Како дел од активноста на Пулевски сред македонската емиграција во Софија е и формирањето на Словеномакедонската литературна дружина во 1888 година, под негово претседателство. Таа има особено значење како прва македонска литературна асоцијација воопшто и тоа е само уште еден доказ за неговата патриотска културна дејност и национално-политичка ориентација. Меѓутоа, посебно место во претставувањето на делото на Пулевски зазема неговата "Славјанско-маќедонска општа историја", завршена во 1892 година непосредно пред неговата смрт.
Не е за занемарување и неговиот обемен ракопис, насловен како "Јазичница", завршен исто така во Софија, којшто претставува специфичен прирачник за изучување на македонскиот јазик.