Год
Од Википедија, слободна енциклопедија
Год е прстен кој може да се види на едно дрво при напречен пресек на стеблото на едно дрво (обично пенушка). Ваквите прстени се видливи заради промената на интензитетот на растот на дрвото за време на разните годишни времиња и затоа, како што самото име кажува, еден „год“ соодветстувва на растот на дрвото за време на една година. Годовите се повидливи во умерени климатски зони, каде разликите во годишните времиња се поизразити.
Внатрешноста на годот се создава рано во сезоната, кога растот е компаративно брз (затоа дрвото е помалку густо). Надворешниот дел на годот често се јавува во лето, или понекогаш во есен и е погуст.
Кај дрвата како белите борови нема многу контраст помеѓу разните делови на годот, и затоа дрвото е многу рамномерно по текстура.
Соодветна влага и подолг период на растење резултира со поширок год. Сушна година дава многу тесен прстен. Дрва од една иста околина следат иста шема на раст, а со тоа и годови.
Годовите се основа на науката за датирање на дрва наречена дендрохронологија.