Демократска унија за интеграција
Од Википедија, слободна енциклопедија
Демократската унија за интеграција (ДУИ) е политичка партија на етничките Албанци во Република Македонија. Формирана е три месеци пред одржувањето на парламентарните избори во 2002 од јадрото на Ослободителната народна армија (ОНА), парамилитарна групација која во 2001 отпочна вооружен конфликт против власта во Република Македонија. Нејзин лидер е Али Ахмети.
На парламентарните избори во 2002 година ДУИ освои 11,9% од гласовите (70% од гласовите на етничките Албанци) и се профилира како најголема партија помеѓу партиите на етничките Албанци во Република Македонија. По изборите, ДУИ влезе во владината коалиција заедно со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и со Либерално демократската партија (ЛДП).
На парламентарните избори во 2006 година ДУИ настапи во коалиција со Партијата за демократски просперитет и Лигата на Бошњаците. Оваа коалиција освои 12,2% од гласовите и извојува победа над Демократската партија на Албанците помеѓу албанскиот електорат во Република Македонија. Тоа по изборите за ДУИ беше главниот аргумент да инсистира да биде вклучен во новата влада, но мандаторот Никола Груевски одлучи во својата владина коалиција да го вклучи својот традиционален партнер ДПА.