Прстенести црви
Од Википедија, слободна енциклопедија
Прстенести црви | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дождовен црв
|
|||||||
Научна класификација | |||||||
|
|||||||
|
|||||||
Класа Полихети (парафилетични?) Класа Clitellata Олигохети- (дождовни црви) Acanthobdellida Branchiobdellida Инфракласа Пијавици - пијавици Класа Myzostomida Класа Archiannelida (полифилетични) Класа Echiura
|
Прстенестите црви, односно типот Annelida спаѓаат меѓу најразвиените групи на без‘рбетници. Карактеристичен белег за нив е што телото е изградено од голем број на членчиња (односно сегменти), кои се еднакви меѓусебно по големина. Ваквата појава се нарекува хомономна сегментација. Втор особен белег е присуството на целом (секундарна телесна празнина), изграден од сопствени ѕидови од перитонеум (телесна кошулка) и исполнет со целомска течност. Други специфични карактеристики се затворен крвоносен систем, метанефридии како екскреторни органи и скалест (анелидски) тип на нервен систем. Прстенестите црви се развиваат со директен развиток или со метаморфоза.
[уреди] Анатомија на прстенестите црви
Телото на прстенестите црви е црвовидно издолжено, кај најголем број претставници е цилиндрично, додека кај помал број - грбно-стомачно сплескано. Телото често има додатоци што служат делумно за движење и делумно како сетилни органи. Тоа се т.н. четинки или хети, најчесто наредени во 4 снопа на секој сегмент, чиј број и положба многу варираат.
Телото е покриено со еднослоен епител, кој на површината лачи тенка кутикула (која е нешто подебела кај пијавиците). Епителот содржи жлезди, кои кај дождовните црви и пијавиците лачат лигава материја, која ја прави површината на телото да биде постојано лигава. Под епителот се наоѓа добро развиен мускулен слој, составен од надворешни кружни и внатрешни надолжни мускули. Помеѓу мускулниот слој и телесната празнина е сместен перитонеумот, поради што празнината е целомска. Кај пијавиците целомот е исполнет со паренхим.
[уреди] Органи и органски системи
Дигестивниот систем започнува со уста на предниот крај на телото и завршува со анус на задниот крај. Цревниот потсистем е составен од ектодермални предно и задно, како и ендодермално средно црево, при што најмногу е диференцирано предното црево, и тоа особено кај дождовните црви.
Жабри како органи за дишење постојат само кај полихетите, а кај олигохетите и пијавиците нема дишни органи.
Крвоносниот систем е составен од два надолжни крвни сада - грбен и стомачен, кои се простираат по целата телесна должина над и под цревото. Овие садови се меѓусебно поврзани со напречни крвни садови кои се особено добро развиени во предниот дел на телото. Во предниот и задниот крај на телото, двата главни сада се соединети со мрежа од капилари, со што крвоносниот систем е од затворен тип. Крвта од грбниот сад тече одзади спрема напред, а од стомачниот сад во спротивен правец. Функцијата на контрактилен орган - срце ја врши грбниот сад. Различен степен на атрофија на крвоносниот систем се забележува кај пијавиците, така што неговата функција преминува на остатоците од целомот.
Екскреторниот систем е претставен со метанефридии, распоредени сегментарно во најголем дел од телото. Секоја метанефридија се состои од инкаст почетен дел - нефростом, кој од внатрешноста е опсипен со трепки и со отворот е свртен кон целомот. Средниот дел на метанефридијата е нефридијален канал, кој од едниот преминува во другиот сегмент, странично отварајќи се со екскреторна пора во надворешната средина. Метанефридијата ја филтрира целомската течност, а ресорпцијата се врши во нефридијалниот канал, кој е обвиен со крвни капилари.
Нервниот систем е скалест кај пониско организираните прстенести црви, а анелидски кај повисоко организираните. Составен е од еден пар на мозочни ганглии над голтникот, околуголтникови комисури и пар нервни стебла со по еден пар ганглии во секој сегмент од телото. Сегментските ганглии се споени со напречни аксони (кај скалестиот тип), или нервните стебла се сосема зближени едно до друго (анелидски тип). Сетилните органи се добро развиени кај слободните олигохети, а слабо кај копнените олигохети.
Полихетите се разделнополови, а олигохетите и пијавиците се хермафродити. Репродуктивниот систем е многу едноставен кај полихетите, при што половите жлезди (гонади) се образуваат во сите или во неколку плодоносни сегменти. Доколку отсуствуваат полови одводи, половите продукти се изведуваат преку метанефридиите. Значително посложен репродуктивен систем имаат олигохетите и пијавиците, кај кои покрај жлезди и одводи, има и други органи: семени ќесички, семеприемници, простата итн. Прстенестите црви во глобала се размножуваат полово, додека бесполовото размножување е ретка појава. Развитокот кај полихетите е со метаморфоза преку ларвата трохофора, а кај олигохетите и пијавиците е директен.
[уреди] Поделба на прстенестите црви
Денес се познати околу 9.000 видови на прстенести црви. Тие се поделени во три групи: полихети, олигохети и пијавици.
Основна и главна група се полихетите (Polychaeta) со околу половина од вкупниот број на прстенести црви. Тие се почетни форми за развитокот на другите црви, како и за сите полимерни животни. Главен и основен белег е присуството на голем број примитивни ножиња - параподи, кои се вистински зачетоци на членковидните екстремитети. Втор белег е присуството на огромен број на четинки на сегментите (оттука и името), добро развиени пипала и жабри. Најкарактеристични претставници се пелагичниот нереис, морскиот глушец и зелениот палоло.
Олигохетите (Oligochaeta) се со поедноставна организација и се без пипала, параподии и жабри. Четинките се помалку на број. Олигохетите живеат во копнените води или во почвата. Особени претставници се дождовниот црв, стиларијата и пелосколексот.
Пијавиците (Hirudinea) се изменети олигохети чие тело е составено од ограничен број членчиња. Обично се дорзо-вентрално сплескани. Присутни се пијавки (предна и задна) кои служат за прикрепување на подлогата. Немаат четинки. Има слободни и паразитски форми. Рибната пијавица паразитира по кожата и жабрите на рибите. Осумочната херпобдела е средно голема пијавица и широко распространета во Македонија. Меѓу крупните пијавици спаѓа и медицинската пијавица, која се користи во хирургијата за очистување на инфицираното ткиво.