Свети Наум (манастир)
Од Википедија, слободна енциклопедија
Манстирот Свети Наум е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на најјужната негова точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигањето на овој манастир е сврзано со името на Наум, Климентовиот соработник. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година во него е погребан.
Оваа црква по својот првобитен облик била скоро идентична на црквата Св. Пантелејмон во Охрид. Негде околу 10-13ти век Наумовата црква била потполно урната. Но потоа негде околу 16ти век на нејзините темели е подигната сегашната црква и тоа во две етапи. Отпрвин, при обновувањето, се изградени наосот и нартексот, а во втората, двете куполи - над наосот и нартексот. Сегашната црква ги носи преправките, и таа има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столбови. Гробницата на Наум е посебна зграда со широка и ниска купола.
Во натписот, што се наоѓа над западниот влез однатре се споменува дека живописувањето на црквата станало за време на игуменот Стеван во 1806 година. Тогаш е живописана и капелата со Нумовиот гроб. Сета греско-декорација е дело на "зоографот Трпо, син на зографот Константин од Корча."