Кирил Пејчиновиќ
Од Википедија, слободна енциклопедија
Кирил Пејчиновиќ Тетоец (1771-1845) е просветителски автор кој сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски ја претставуваат првата генерација писатели на современа македонска книжевност од 19 век.
Содржина |
[уреди] Биографија
Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок,а потоа продолжил во Дебарскиот манастир"Свети Јован Бигорски".Меѓутоа потоа татко му решава да го продаде имотот во Теарце и со него и со чичо му одат во Света Гора каде сите тројца се замонашуваат.По извесно време Кирил се вратил во Тетово,а одтаму заминува во Кичевскиот манастир "Света Богородица Пречиста". Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Марковиот манастир,кој решил да го обнови.Манастирот бил речиси уништен,меѓутоа Кирил успеал да организира помош од верниците,па конаците и манастирот биле обновени.Во наредните 17 години до 1818 година тој се занимавал со обновувањето и истовремено оформил манастирска библиотека од собраните ракописи од претходниот век.Додека престојувал во Марковиот манастир ја напишал неговата прва книга "Книгасија глаголемаја Огледало"која била отпечатена во 1816 година во Будим.По дваесет години минати во манастирот ,под притисок на грчкиот владика од Скопје,го напуштил Марков манастир и се вратил во родното Теарце.Го обновил Лешовскиот манастир со помош на богатите верници и отворил училиште во кое ѓи подучувал младите и старите.Патувал и како проповедник собирајки книги и пишувајќи сопствени текстови. Кирил Пејчиновиќ умрел на 12 март 1845 година во Лешовскиот манастир и е погребан во црковниот двор.
[уреди] Книжевната дејност на Пејчиновиќ
Пејчиновиќ зад себе оставил три книги:првата е Книгасија глаголемаја Огледало, втората е Утешение грешним и последната е Житие на кнез Лазар од кои отпечатени му се првите две.Делото "Житие на кнез Лазар" е всушност последната хагиографија во македонската и во јужнословенската книжевност,воопшто.Освен ова Пејчиновиќ напишал и еден епитаф во кој е сместена целата негова биографија и денеска претставува надгробен натпис на Кирил во манастирот во Лешок.
[уреди] Првата книга на Пејчиновиќ
Книгасија глаголемаја Огледало(1816,Будим) е првата книга на овој наш просветител."Огледало" е неопходна книга- прирачник за свештеникот при вршење на верските обреди.Првиот дел го сочинуваат молитви и верско-обредни текстови на црковнословенски јазик со македонски(народни) црти,а вториот дел го сочинуваат беседите напишани на тетовски говор со елементи на скопскиот и други македонски говори.Во првиот дел од книгата,Пејчиновиќ дава коментари на Библијата ,а во вториот,во беседите поучува и критикува.Ги напаѓа суеверието и паганските обичаи на народот.Во овој текст,Пејчиновиќ,мошне интересно ја поистоветува верата со народноста.И тој како и Крчовски,ги критикува своите колеѓи-поповите.Им забележува дека себично се здружиле со Турците и го измачуваат сопствениот народ.Неговата просветителска насоченост се согледува во пропагандата на книгите бидејки во писмото се стои,а да го нема писмото се би се заборавило.
[уреди] Втората книга на Пејчиновиќ
Втората книга на Пејчиновиќ е Утешение грешним (1840, Солун) која, иако е продолжение на првата книга, има повеќе значења. Книгата е составена од два дела-молитви и беседи. Пејчиновиќ оваа книга му ја испратил на кнез Милош во Србија надевајќи се на помош за печатење од христијанскиот владетел.Црковната цензура не го дозволила печатењето на оваа книга(содржела бројни турцизми-што можело да изгледа неприлично,а и тетовскиот говор пречел),па Пејчиновиќ,обесхрабрен,сторил напори да се обнови солунската печатница на Теодосија Синаитски.Конечно,на теренот на кој живеел македонскиот народ се отпечатила првата книга на македонски народен говор.
Во делото е поместен предговорот на издавачот (на Теодосија Синаитски).Текстот го содржи Нифонтовиот тропар,кој содржи различни молитви,приказната за војникот Таксиот кој воскреснал од мртвите,а најобемниот и најоригиналниот дел од оваа книга е Поуката за бракот.Како извори за оваа книга послужиле различни беседи на Илија Минијат,Софрониј Врачански и делата на Јоаким Крчовски.
[уреди] Значењето на Кирил Пејчиновиќ
Кирил Пејчиновиќ, речиси полуписмен калуѓер, е скапоцен културен деец во нашата историја бидејќи со упорна работа,во времето кога човечката глава немаше никаква вредност,за македонскиот заостанат народ,во едно делче од Македонија стори многу.Неговите книги напишани на народен јазик, иако не сосем чист,туку со примеси од црковниот и со турски зборови биле примени од народот со задоволство бидејќи ги разбирал и читал.Нивното печатење било овозможено со помош на Македонските занаетчии и трговци.Така се создал поттик и интерес среде народот за книга на народен јазик што ќе биде од далекусежни последици за развитокот и усвојувањето на народниот јазик во писмениот говор во натамошните децении.
[уреди] Значењето на "Слово на празниците" на Пејчиновиќ
Оригиналната проповед Слово на празниците на Кирил Пејчиновиќ најсилно ни ги претставува неговите погледи.Оваа проповед се отклонува од традицијата со тоа што проповедите обично поаѓаат од "книшки"пример(од Библијата)кој потоа може да се догради со примери од животот.Оваа проповед своите примери ги зема од животот,па честопати неговите повикувања на одредена ситуација ни откриваат некое конкретно однесување на нашиот народ од почетокот на минатиот век.Всушност во текстовите на Пејчиновиќ се согледуваат болните вистини за заостанатоста на народот во неговото време. Кирил Пејчиновиќ во своето дело,со воведување на народниот јазик,но и со животот во кој доследно живеел живот на народен учител кој подучува,оставил скапоцен придонес во македонска култура.Со просветителските идеи за собирање книжно наследство,за пишување и печатење книги на јазик кој ке биде разбирлив станува голем културен деец на македонското просветителство.