Народни носии од Кичевија,Порече и Железник
Од Википедија, слободна енциклопедија
Народните носии во планинските предели Железник, Кичевија и Порече и покрај забележливите разлики во обликувањето и украсувањето на поодделните делови од носијата кои во минатото биле уште поизразити, имаат повеќе заеднички одлики.
Жените во овие предели врз долгата платнена туниковидна кошула, украсена со густо извезени мотиви во светлоцрвена и жолта боја, облекуваат клашеник од бела клашна, безракавен, кус до колковите, обилно украсен со срмени гајтани, извезени травци околу аплицираните насечки од црвена чоја. Околу половината се опашуваат со долг црн, плетен волнен појас и скутник со прави шарки, кој во колористичка смисла чини единство со извезените украси на кошулата и на другите облеки. Покривката за глава е тулбен од бело тенко платно, со поткити од монистра. Гуна од црна клашна, со украси од гајтани и бикме, е празнична облека за млади жени. Облеките за невестинската носија, наречени големи гувеалски, се најубавите и најмногу украсените. Специјална невестинска покривка за глава во пределот Порече е богато извезениот убрус со поткитки од морски школки и рески кој, како врвно остварување во везбената уметност, зазема прво место во креативните остварувања на македонската жена. Овие убруси употребувани до крајот на ЏИЏ век, освен украсната, во верувањата на народот имале и апотропејска улога. Во машката носија во овие три соседни предели се забележуваат доста истоветности. Таа, како сточарско - планинска носија, е сета од дебели, волнени, бели, клашнени облеки - бечви и џамадан, опашани со широк ткаен појас, кои се облекуваат врз платнената кошула која има украси од вез на градите.
Во празничниот состав на носијата се носи фермеле од темномодра клашна или чоја и долама од бела клашна долга до колена, со украсни црни гајтани. На нозете се носат шарени, волнени - чораби и опинци со волнени врвци наречени опчаници. На главата се носи црна плитка капа наречена кече. Во машката носија во нределот Порече посебно карактеристичен дел е ресачко копаре од дебела, црна, валана волнено - козинена ткаенина, со голема јака и украсни рески, од која може да се направи јакулка за заштита на главата.
Специјална овчарска облека е гуна од дебела, волнено - козинена ткаенина, украсена со бели гајтани, која како наметка на овчарот во планина му служи како одлична заштита од студ и влага.