Народни носии од Малесија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Во петте села од планинскиот предел Малесија, женската носија обилува со бројни облеки, украсени на поинаков начин од соседните предели. Облеките од невестинската носија наречени големи, како и тие за првиот ден по свадбата кога невестата првпат оди на вода, означени како помали, се најукрасените и најдекоративните - кошула голема - срамачка, везена на ракавите, елек - антерија, украсен со седефки, клашеник со срмени украси и џубе со гајтани. Сите овие облеки поврзани во една целина ја оформуваат носијата од пределот Малесија со посебни етнички карактеристики и естетски белези.
Особено за одбележување е облеката бело џубе, каде што доминира белата боја, како во клашнениот материјал од кој е направена, така и во гајтаните со кои е украсена. Оваа белина на облеката џубе има намена на траурен белег, а во носијата на изолираниот планински предел Малесија се јавува како остаток од зачувана трага на старословенскиот обичај, кога жалоста се одбележувала со носење на облека во бела боја.