Народни носии од Мариово
Од Википедија, слободна енциклопедија
Во селата од изолираниот планински предел Мариово, машката носија, составена од бројни бели клашнени облеки, ги има сите карактеристики на изразито планинско - сточарска носија. Под кошулата од бело дебело домашно ткаено платно се носи аба, а врз неа џамадан од клашна. На нозете се носат бели клашнени ѕиври - ногавици од бела клашна кои се придржуваат за појасот со волнени врвци; бели ажурно плетени чорапи со подвески - тесни појасчиња за придржување на чорапите под колената и опинци од говедска кожа. Се опашуваат со волнен ткаен појас - кемер врз кој се носи ремен од кожа.
Зимската облека е гуна од бела или црна клашна, безракавна, долга до колена, со специфични украси. Сакма од дебела валана волнено - козинена ткаенина е типично сточарска облека на овчарите.
Празничната носија и рувото на зетот се повеќе украсени. Во нивниот состав е забележливо бело прегаче со шар на прачки, како посебна ознака на ергенството. Бела сакма влегува во составот на специјалната руба венчаничка, а ф'стан - кусо, многу набрано здолниште, е детал од носијата на младоженците и младите мажи.
Женската носија во пределот Мариово, по своето стилско и ликовно обликување, по складното единство на украсувањето, по изобилството на црвени волнени рески, како и низата извезени орнаменти со геометриски и стилизирани вегетабилни мотиви, се вбројува во најубавите, но и најтешките носии во Македонија и претставува врвен домен на народното творештво.
Во Старо Мариово, кое се издвојува од Мало Мариово со некои незначителни разлики во етничките особини, народната носија - руфетот е помариовски. Во селата од Мало Мариово во народното облекување се чувствува влијанието на соседниот предел Прилепско Поле.
Врз белата платнена кошула, богато украсена со густо извезени мотиви во техниките писано, лозено и грабено, се носи сагија, саја, од бело платно или клашна, украсена со вез и богати поткитки од рески - кис. Околу половината се опашуваат, со долг црн плетен појас и ткаена волнена скутина, прегач, вута, украсени со ситни мотиви и поткитени со густи волнени рески. Девојките од Мариово главата ја покриваат со бел тублен, украсен по мариовски, а мажените жени врз тубленот носат обрус од бело платно со извезени и ткаени мотиви и густи рески на двата краја.
Облеките гуна и горница изработени од клашна, украсени по мариовски со волнени оптоки и гајтани, ја оформуваат женската носија за во празници.
Најмногу е украсено рувото венчаничко во кое, освен посебно изобилните извезени и вткаени мотиви, се застапени и специјални облеки и детали како знак на невестинството. Тоа е бела гуна, горница, везени ракавчиња, голем коцел, а на главата многу цвеќе, украсот нетоп и обрус преку лицето, како и многуброен масивен метален накит пафти, гердани, копци.