Народни носии од Струшки Дримкол
Од Википедија, слободна енциклопедија
Јужниот дел на пределот Дримкол, означен како Струшки Дримкол, сосема се разликупа по етничките особини на населението од неговиот северен дел - Дебарски Дримкол, а како највпечатлива е разликата во народната носија.
Во народната носија на жените од Струшки Дримкол се карактеристични повеќе бели клашнени облеки, диференцирани по возраст и намена (клашеник - со украси од чоја за невести, џубе - со црвени и бели оптоки за повозрасни жени, ресачка - со волнени рески од внатрешната страна, за зимскиот период). Овие клашнени облеки се носат преку долгата платнена кошула, украсена со волнен, или постарите со копринен вез, со ситна и префинета релјефна орнаментика, а се опашуваат со многу долг црн плетен волнен појас, а врз него ткаена декоративна препашка, џуница и пругасто шарена скутина бофча, со богати поткити од волнени и чојани реснати украси. Во носијата на невестите од овој регион во минатото била карактеристична везената невестинска покривка за глава, наречена сокај, масовно употребувана до крајот на XIX век. Сокајот, како еден од најдекоративните елементи од женската носија, со врвни естетски вредности, изразени преку везената орнаментика, укажува на дамнешни културно - историски врски и може да се поврзе со некои истоветни делови на народите од Поволжјето. По својата форма на високо издигната ќулафка дава можности за претпоставка за врската со далечни траги од некогашните еднороги шапки, кои потсетуваат на старите фригиски капи.
Невестинската покривка за глава претставува марама од бело платно, украсена со разнобојни геометриски мотиви и густи волнени реснати поткити. На нозете се носат волнени плетени, ситно орнаментирани - чораби и кожни чевли.
Во носијата од овој регион застапен е разновиден накит (мангура, тунтурици, чапрази, киска), во кои металот е дополнет со корални украси.
За одбележување е дека женската носија од овој предел сè уште се одржува, главно ограничена на одредени обредни и свечени функции, но со значително изменета и редуцирана содржина - изоставени везбени украси, некои клашнени облеки, како и изменет начин на украсување.
Машката носија од овој предел е составена од бројни бели клашнени облеки, украсени со црни гајтани, а тоа се бечви, џамадан, а младоженската носија, наречена зетоска, се дополнува со клашнена бела долама, долга до колена, тесна во горниот дел и широка, со многу набори, во долниот дел. Составен дел на носијата е богатиот карактеристичен машки накит -ќустек, со саат и старовремски пиштол.