Носии од Дурачка Река
Од Википедија, слободна енциклопедија
Со одредени варијантни разлики во материјалот, обликувањето и украсувањето на поодделните облеки, се јавува носијата од пределот Дурачка Река, што го сочинуваат повеќе села по текот на истоимената планинска рекичка. Врз платнената кошула кенарлија во овој предел жените облекуваат безракавен долг елек од пругастошарена волнена ткаенина, ноставен со конопно платно. Околу половината се опашуваат со волнен ткаен појас кемер и декоративно орнаментирана скутина пешкир. Празничната и невестинската облека е џубе од црна клашна, со богати поткити и украси од волнени и срмени гајтани, и ткаена крпа јашмак.
Волнени орнаментирани црвени ,,чорапи колајлии" и домашно изработени опинци со долги волнени врвци го оформуваат обувањето на нозете во овие планински села.
Носијата на мажите, во која сите облеки освен кошулата се од волнена дебела валана ткаенина, со природно кафена боја - чакшири, џамадан, елек, со украси од црни гајтани, носи обележје на планинско - сточарската носија.