Носии од Кумановско
Од Википедија, слободна енциклопедија
Женската народна носија од околината на Куманово, во народот означен како Жеглиговски Предел, се состои од бела платнена туниковидна кошула, извезена со богат вез, во гобленска техника, со изразито геометриски форми и посебна нагласеност на црвено-црните тонови. Белата платнена саја од летниот состав и клашнената зимска ќурдија, аловиот појас кемерче, декоративно орнаментираната скутина, пешкир, со карактеристични мотиви кола, како и другите платнени и клашнени детали ја оформуваат носијата во една складна целина.
Празничната и невестинската носија се дополнуваат со многу украсни додатоци - ракавчиња, крпи, ручници, како и разновиден накит. Ознаката на невестинството е специјалниот украс на главата челенка, пиле копче, капа со пари, на градите леденик, на појасот пафти. Сето ова ја прави носијата на овој предел извонредно богата, со усогласена складност на формите, боите и орнаментите.
Според сезонската поделба, машката носија од летниот состав е сета од бели платнени облеки - кошула долга до колена, која паѓа во богати набори преку гаќите, чии ногавици се вовлечени во шарени волнени чорапи. Украсните додатоци крпи, ручници се носат на појас, на рамења, а служат и како покривка за глава. Украсите од разнобојни монистра ќустеци се накит што ја дополнуваат празничната носија од овој регион.