Носии од Радовишки Шоплук
Од Википедија, слободна енциклопедија
Во селата на падините на планината Плачковица, означени како Радовишки Шоплук, народната носија се издвојува со поинакви облеки и поинаков начин на украсување.
Кошулата на женската носија е украсена со везбени мотиви, под влијание на везовите од соседниот предел Радовишко Поле, така што и ова украсување во народот е означено како полско везмо. Горна облека е фустан од пругасто - шарена волнена ткаенина, составен од горен тесен, безракавен дел, и широк, со многу набори, долен дел. На половината се опашува ткаен волнен појас кемер и ткаена волнена декоративно орнаментирана скутина скутач. Во празничниот состав на носијата жените носат по два - три фустана еден врз друг, со што посебно се зголемува широчината на долниот дел, како и џубе од црна дебела волнена ткаенина, со украси од волнени и срмени гајтани, коешто во исто време е облека и за невести. Бројни украси од монистра ја дополнуваат празничната носија на жените од овој предел.
Машката носија што се носи на празници, покрај платнените гаќи и кошула, се дополнува со елек од пругасто - шарена волнена ткаенина, чакшири од темнокафена клашна, широк нојас, шарени волнени чорапи, што се нридржуваат со тесни ткаени појасчиња подвески и многу платнени домашно ткаени крпи. Празничен детал што влегува во составот и на младоженската носија се калчиње - клашнени ногавици, богато украсени со гајтани.