Носии од Радовишко Поле и Струмичко Поле
Од Википедија, слободна енциклопедија
Женската носија од рамничарскиот предел Радовишко Поле,која со незначителни разлики се јавува и во соседното Струмичко Поле, е лесна, главно од платнени облеки - кошула и саја, украсени со везбени мотиви, врз кои на половината се опашува волнен појас и ткаен прегач, од кој како најубав се издвојува с'нце прегач. Во машката носија, освен кошулата и гаќите од дебело платно, се носи карактеристично широко набрано, платнено долниште фустан и елече од пругасто шарена волнена ткаенина, а покривката за глава е ткаена декоративно орнаментирана крпа. Во составот на празничната носија на младите мажи влегуваат калчини - ногавици од бел шајак со аплицирани украсни црни гајтани. Носијата наменета за младоженците наречена зетоска е најдекоративна и најбогато украсена, а поодделните облеки од нејзиниот состав носат назив бовчалски зашто се добиваат како дар од невестата.