Носија од Бабуна
Од Википедија, слободна енциклопедија
Пределот Бабуна, во чиј состав влегуваат помалите предели Азот и Клепа, го сочинуваат повеќе села по течението на истоимената река. Женската носија, едноставна и лесна, се состои од кошула од бело, домашно ткаено платно со декоративни пруги кенари, долг еленк од пругасто - шарена, волнена ткаенина, тесен ткаен волнен појас со разнобојни пругасти шарки наречен ѕуница, како и ткаена волнена скутина со едноставни прави шарки. Зимна облека е ќурдија од црна дебела клашна со аплицирани украсни гајтани.
Машката носија се состои од бела платнена кошула, долга до колена, широка, со многу набори во долниот дел, која паѓа преку платнените гаќи и волнените бели ногавици ѕиври. Широк ткаен појас со пругасти шарки се опашува на половината, а на горниот дел од телото се носи кусо елече од пругасто - шарена ткаенина, со украсни ширити и гајтани.
Карактеристичен дел од машката носија е скутина со црно - бели прави шарки, што се носи во составот на секојдневната носија како практичен детал, но и во празничната, како нејзин украсен и обреден состав. Специјална овчарска облека е кепаре од дебела волнено - козинена ткаенина, која како постојан при дружник на овчарот во планина го заштитува од дожд и студ.