Пред дождот
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
„Пред дождот“ е филм на Милчо Манчевски од 1994, кој во својата филмска нарација содржи три целини поврзани меѓу себе. Тие се насловени како „Зборови“, „Лица“ и „Слики“.
Дејството во „Зборови“ се случува во древниот машки манастир некаде во Македонија. Младиот монах Кирил, заветуван на молчење, во својата таванска ќелија ја наоѓа Замира, Албанка, девојка која повеќе наликува на дете. Тој не разбира албански, но нема дилема дека таа тука бара засолниште од некакво зло. Го премолчува нејзиното присусутво во манастирот дури и тогаш кога вооружените селани ја бараат за да и судат за убиството на еден соселанец. Исплашен е кога тие го пребаруваат манастирот и е вистински среќен кога не ја наоѓаат. Постарите монаси го забележуваат неговиот молчалив страв. Длабоко во ноќта влегуваат во ќелијата на Кирил и ја наоѓаат девојката. Казната за монахот е заминување од манастирот. Под закрилата на ноќта, минувајќи покрај пијаната селска стража, Кирил и Замира ја напуштаат сигурноста на манастирските ѕидини. Веќе е ден, тие минуваат низ каменест планински предел. Кирил, исполнет со грижа и љубов кон девојката, и ветува сигурност некаде далеку од селото и планината. Таа не го разбира неговиот говор, но ја разбира неговата љубов. Бакнежот врз нејзиното лице и нејзините раце кои бараат спас околу неговото тело, се единствениот физички контакт меѓу нив. Но тука, веднаш до нив, се нејзините роднини и соселани. Нејзиниот дедо со строгост на племенски старешина ја враќа во реалноста. Таа се обидува да објасни дека Кирил и помогнал, дека ја спасил и дека ја сака. Дедото со својот неумолив авторитет го брка Кирил. Тој колебливо тргнува. Крикот на Замира по него го враќа. Таа трча кон него. Нејзиниот брат пука. Предрасудите не оставаат можност за поинаков крај. Кирил е покрај Замира, гледајќи во него таа умира.
„Лицата“ во вториот дел од филмот „Пред дождот“ се случуваат во еден наполно поинаков свет, динамичен, современ, урбан Лондон. Во светски познатата фотографска агенција работи лауреатот на Пулицеровата награда, Македонецот Александар Кирков, одамна заминат од татковината. Тукушто вратен од боиштето во Босна каде што фотографирал убиство, чин кој според него го прави соучесник во трагичниот настан, Александар одлучува да се врати во Македонија. Меѓу него и Ен, младата жена која работи во истата агенција се случува страсна љубовна приказна. Александар ја повикува да замине со него. Додека Ен се бори со својата дилема дали да ја остави извесноста во која живее и да замине со Александар во непредвидлива иднина, во кафеаната каде што разговара со сопругот се случува инцидент со трагични последици. Во пресметката меѓу балканските емигранти, меѓу другите загинати е и нејзиниот сопруг.
„Сликите“, третиот дел од филмот, се случува во Македонија. Александар се враќа дома, во родниот крај, барајќи засолниште во долго сонуваниот мир на својот роден крај и не помислувајќи дека тука се води една поинаква, но не помалку беспоштедна војна. Пределите на неговиот роден крај се исти, но односите меѓу луѓето се драстично променети. Во крајот каде што живеат два различни народа, со различни верски припадности, односите се крајно поларизирани. Меѓу нив владее недоверба, искрата на можниот судир се чувствува во воздухот. Вооружени луѓе се сретнуваат насекаде, стравот се вгнездил во душите. Роднините на Александар го примаат со радост, но и со чудење. Неговата родна куќа е руинирана. Искрен во намерите и чесен во постапките кон луѓето, Александар ги посетува пријателите во соседното албанско село, сака да ја види некогашната соученичка Хана, кон која во момчешките години негувал нежни чувства. Таа сега е вдовица и мајка на две деца, син и ќерката Замира. Сè уште неадаптиран кон атмосферата што натежнала врз луѓето, Александар се ангажира во спасувањето на Замира која е затворена во бачилото под обвинение за убиство на еден негов роднина. Тој, без страв од вооружените соселани, ја изнесува девојката од бачилото. Неговиот братучед, соочен со сопствената немоќ пред супериорноста на Александар, пука по него. Животот на Александар завршува во пределите каде што израснал и од рацете на луѓето по кои копнеел.
Случајот со филмот „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски, ако го набљудуваме не само како естетски туку и како комуникациски феномен, секако инспирира на повеќе планови. Така најнапред би кажале дека овој филм доаѓа можеби во вистинскиот миг за да го заокружи континуитетот на еден логичен медиумски растеж, но на некој начин и да ги посочи можните одредници за нови достигнувања на кинематографски план. Тој е бездруго, во најдобра смисла кажано, еден престижен филм со кој би се гордеела и секоја светска кинематографија. Неговото тематско и формално богатство, пак, го произнесува неговиот режисер како еден автентичен филмски автор. Така авторскиот пристап кон филмот, се чини, го определуваат две битни особини на Манчевски како режисер, а тоа се, пред сè, една, би кажал, форсирана оригиналност во наративното градење на филмскиот расказ и еден зрел творечки сензибилитет за просторот во кој се одвива. И ова на некој начин можеби не е толку ново, но стилските карактеристики кај Манчевски токму во таа авторска смисла се доведени до степен на креативна функционалност.
Како жанровска определба во „Пред дождот“, присутни се неколку ситуации од кои секоја на свој начин влијае врз основниот драматуршки тон на филмот. Така може да се каже дека првин во него се чувствуваат елементи на една актуелна социо-политичка ситуација, за потоа филмот да стане еден вид психолошка студија за повеќе или помалку фрустрирани ликови од нашето секојдневие, а врз сето тоа пак доминира, барем така тоа е претставено во самата структура на филмскиот исказ, една хуманистичка тема во која се сплотени содржини што се однесуваат на некои религиозни вистини, па така се застапени и некои митски идеи, како и универзални антрополошки симболи. Всушност, филмскиот израз во својот тоталитет, се разбира, од аспект токму на таа жанровска компонента, остава неизбришлив впечаток на една комплексна судбинска трагедија, што како жанровска форма, секако, е комплицирана за филмска презентација, но не е и нова во просторите на македонското кинематографско искуство. На тој начин „Пред дождот“ несомнено се врзува за таа жанровска традиција, која некогаш ја претставуваа делата какви што се: „Жед“ или „Мементо“, потоа „Време без војна“ и „Македонска сага“, па „Планината на гневот“ или „Јад“ и „Тетовирање“, а можеби и „Хај-фај“. Но она што го наоѓаме во „Пред дождот“, тоа е дека овде елементите на тие судбински случувања веќе имаат, да кажеме, некоја поконкретна визуелна рамка, некои сопствени корења во стварноста и во самиот филмски расказ и, се разбира, во атмосферата што тој со себе ја создава. Што се однесува, пак, до изграденоста на филмската форма, со задоволство можеме да констатираме дека „Пред дождот“ во таа смисла поседува една парадигматичност, досега мошне ретко и главно парцијално пројавена во нашата кинематографска практика. Всушност, и содржинските и формалните елемети, ако поаѓаме од една таква концептуалистичка претпоставка, тешко можеме да ги набљудуваме раздвоено, бидејќи тие се тесно поврзани со самата структура на филмот, односно во распределеноста на филмското дејство во извесна тријада, која во наративниот тек на филмот егзистира не само во формална смисла и која наведува на размисла дека авторот и сака да создаде една фабуларна целина во која присуството на фатумот ќе се олицетвори не толку преку апстрактните елементи од кинестетички вид туку, пред сè, преку постапката на протагонистите. Така филмскиот расказ е распределен на три сегменти кои ги носат следните наслови: „Зборови“, „Лица“ и „Слики“. Во сите од нив од идејно-содржински аспект се третира феноменот на етничката разединетост и човековата нетрпеливост, како крајно непосакувани и неконтролирани синдроми на една, пред сè, антрополошка трагика.
Во таа смисла Манчевски успева да изнајде адекватни визуелни форми токму во однос на тој тематски комплекс. Неговиот кадар во својата суштинска ритмичност најчесто е растревожен, макар што динамичката причина за тоа не е секогаш присутна во него (во кадарот). Во тоа најмногу му помагаа искусниот и талентиран снимател Мануел Теран, потоа мошне добро изведената сценографија на Шерон Ламофски и Дејвид Мунс, како и костимите на Керолин Харис и Сју Веланд.
Тука е и мошне инвентивно одбраната актерска екипа на чело со Раде Шербеџија кој го толкува главниот лик во филмот, фоторепортерот Александар, потоа англиските артисти Кетрин Кертлиџ и Џеј Вилиерс, како и францускиот глумец Грегоар Колин. Во оваа интернационална актерска екипа, со успех настапуваат и македонските актери: Мето Јовановски, Лабина Митевска, Силвија Стојановска, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристовски, Љупчо Бреслиски, Владимир Ендровски, Игор Маџиров, Петар Мирчевски и Абдурахман Шаља.
Филмското дејство на „Пред дождот“ поседува сопствена консеквентно спроведена драматуршка логика и од неа, всушност, и извира оној недвосмислен квалитет и шарм на ова остварување.
Филм е во времетрање од 119 минути и е снимен во вајдскрин техника, со звук, во боја и 35 мм.
Режија: Милчо Манчевски Сценарио: Милчо Манчевски Директор на фотографија: Теран Мануел Монтажа: Гастер Николас Продуцент: Тозија Горјан Главни улоги: Јосифовски Јосиф, Кертлиџ Кетрин, Колин Грегоар, Митевска Лабина, Ристевски Кирил, Шербеџија Раде Споредни улоги: Бреслиски Љупчо, Дамевски Симеон - Мони, Ендровски Владимир, Јачев Владимир, Јовановска - Стојановска Силвија, Јовановски Мето, Клинче Атила, Коцевска Катерина, Крстевски Младен, Леви Нино, Максут Џемаил, Микиќ Александар, Мирчевски Петар, Псалтиров Кирил, Спиркоски Благоја - Џумерко, Стефановски Илко, Стојанова Милица, Шаља Абдурахман Музика: Анастасија Сценографија: Ламофски Шарон, Мунс Дејвид Костимографија: Веланд Сју, Харис Керолајн Тон: Хобс Ајдан Асистент на сценографија: Лазаревски Никола
Други улоги:
Игор Маџиров Сандо Монев Сузана Киранџиска Арбен Кастрати Џени Њуман Филида Лоу Габриел Хамилтон Мелиса Вилкес Џо Гоулд Род Вудруф Љупчо Тодоровски Цветко Марески Ленче Делова Јордан Витанов Џеј Вилиерс Методи Псалтиров Миле Јовановски
Други соработници:
избор на артисти -- Мони Дамевски; Лиора Рајх организатор на производство -- Шила Фрејзер Милне; Давид Редман клапер -- Џејсом Оливие асистенти камермани -- Сретен Паковски; Бранд Ферро; Џон Парду стедикем -- Владимир Самоиловски фар -- Џони Дон микроман -- Сајмон Кон монтажа -- Ен Сопел; Лори Мек Дауел монтажа на тон -- Петер Балдок помошници монтажери -- Поли Ејткен; Питер Елиот; Дерек Холдинг асистент режисер -- Вања Алјиновиќ; Мери Сон помошници на директорот на филмот -- Бики Јандревска; Димче Ангеловски; Патриса Шаља; Дејвид Милер; Леонард Вигас Дос Сантос асистент костимограф -- Жаклина Крстевска шминка -- Миодраг Рос фризер -- Џон Хилс историја на уметност и етнологија -- Коста Балабанов директор на втора екипа -- Николас Гастер сниматели на втора екипа -- Драган Салковски; Филип Ле Сур; Сајмон Ривс тон сниматели на втора екипа -- Џон Парду; Лори Мек Дауел асистент сценограф -- Мајкл Т. Робертс асистент сториборд -- Сузана Михајловска шеф на светло -- Петар Богоевски; Кени Сајкс осветлители -- Милисав Крстевски; Драган Адамовиќ; Боб Хорсфилд координатор на каскадери -- Парван Парванов; Род Вудруф специјални ефекти -- Валентин Лозев; Џон Фонтана музичка продукција -- Ное Продукција; Фредерик Дима-Зајдела; Тоше Поп-Симонов музиката е снимена во -- Аудио Лаб студио, Скопје вокална изведба -- Златко Ориѓански; Зоран Спасовски; Горан Трајковски; Драган Даутовски; Генгис Ибрахим; Дубравка Зајкова; Рјазим Јашае; Сенко Велинов; Вања Лазарова екипа -- Пол Сарони; Крис Томсон; Никола Поповиќ; Кло Сизер; Тиери Пуге; Филип Ле Сур; Реми Фурнерон; Ендрју Рид; Сеад Бихарац; Мане Насков; Мортон Јанков; Ким Гастер; Кеит Ловс; Хју Страин; Клајв Пендри; Зоран Младеновиќ; Фин Мек Грат; Филип Чемерски; Стјуарт Ринфри; Сашо Бозаревски; Џенифер Ландор; Тори Пари; Биљана Мирковиќ; Рене Глин; Маја Бикова; Весна Гичевска; Вирџинија Дамевски; Изабела Калипе Пирс; Мира Никчевска; Сајмон Скотланд; Сајмон Харди; Катја Иванова; Тина Фостер; Радмила Тодоровиќ; Сандра Тодоровиќ; Јагода Костадиновска; Мораг Рос; Кетрин Лекомп; Сара Елис; Ив Хикс; Огнена Никуљска; Јанко Петровски; Владо Рафајловски; Даниела Тошиќ; Виолета Николовска; Владимир Кралевски; Владо Крајчевски; Владо Тримпаревски; Гицо Стратиев; Сен Џон Боумен; Вангел Мијовски; Анабел Хендс; Панче Минов; Никол Алберт; Ставре Аврамовски; Боро Мицевски; Роберт Јазаџиски; Колин Хатон; Миле Младеновиќ; Мајк Хаусмен; Џорџ Фидановски; Димитар Стојановски; Еван Вулкок; Георги Георгиевски-Џокер; Дејвид Пинингтон; Зоран Ристески; Марјан Огненовски; Александар Николовски; Зоран Ралев; Горан Ацевски; Момчило Трендафиловски; Славко Бојковски; Крис Ли; Џез Мјурел; Џеј Хендскомб; Мустафа Мустафа; Драган Сапиќ; Градимир Ниваковиќ; Џон Пауел; Пенчо Михајлов; Петар Кирилов; Боб Доу-Ванси; Васил Диков; Димитар Генин; Бранко Петровски; д-р Здравко Тројачанец; Алекс Бејли; Софи Молинс; Стејси Бел; Камерун Мек Кракен; Софи Бог; Софи Бурсон; Кевин ОÄ Ши; Џек Стју; Дајан Гривс; Тед Свенскот; Димитар Грбевски; Марко Армента; Ранко Цуковиќ; Жак Санхуан; Веле Ли Корабоски; Драган Б. Костиќ; Шарл Анри Де Пјерфен