Среќна Нова ’49 (1986)
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
Среќна Нова ’49 e македонски филм од 1986 година, во времетрање од 125 минути. Филмот е снимен во вајдскрин техника, со звук, во боја и 35мм.
[уреди] Дејствие
Дејството на филмот започнува во јуни 1948 година. Група југословенски студенти, кои беа на школување во СССР, по несогласувањата меѓу двете земји се враќаат дома. Меѓу другите кои решиле да се вратат, се и Драгослав, неговата девојка Вера и блискиот пријател Градимир, кого раздвојувањето со СССР го доведува до низа внатрешни конфликтни ситуации, кои конечно кулминираат со чинот на неговото самоубиство на железничката станица во Суботица. Истрагата во врска со самоубиството започнува веднаш, и Драгослав, како негов пријател и сопатник, дава објаснување за мотивите на самоубиството. Семејството на Драгослав го очекува неговото враќање, дотолку повеќе што неговата мајка, тешко болна, е пред умирање. Таткото Стојан, по професија каменорезец, се грижи за егзистенцијата на семејството. Тука се уште и неговата сестра Нела во годините кога престанува да биде дете, и браќата, помалиот Коле и Коста, гимназијалец, кој пред матурата заминува од училиштето. Тој се занимава со црноберзијански работи. За него нема повеќе авторитети, како што нема ни непознаници во живеењето „на работ“. Драгослав дома ја доведува и Вера со која сака да се ожени. Првата средба на Драгослав и Коста завршува со тепачка поради желбата на постариот брат Коста да живее и да се однесува во согласност со нормите на граѓанскиот живот. Непосредно потоа Драгослав е одведен од ОЗНА. Тој е обвинет дека е советски агент и е задржан во истражниот затвор. Времето минува, мајката умира. Судбината на Драгослав е неизвесна, а Вера и понатаму живее во куќата на неговиот татко. Коста се обидува да му помогне на братот, но единствено што може да понуди се пасошите, купени со парите од продажбата на реткиот и скапоцен пеницилин. Коста доаѓа во конфликт со Бургер, криминалец, кому не му се допаѓа „инвентивноста“ на Коста во работите со кои се занимава и тој самиот. Кон крајот на летото, кога таткото ги носи Нела и Коле на село, Вера и Коста остануваат сами во куќата. Така, една вечер во куќата доаѓа Бургер со луѓето кои работаат за него. Нивната намера е физички да се пресметаат со Коста. Меѓутоа, Коста има пиштол и тешко го повредува Бургер во ногата. По ова останувањето на Вера во празната куќа е невозможно и Коста ја сместува во изнајмен стан. Тука, дотогаш недефинираните и забранети чувства во нивната ситуација, стануваат реалност и Вера не се враќа во куќата. Драгослав не е повеќе под обвинение. Од него се бара по излегувањето од затворот да соработува со органите на власта. Веќе е зима, тој се враќа дома, видно остарен и со безброј дилеми за сè она што се случуваше со него во времето на истрагата. Драгослав знае што се случи помеѓу Вера и неговиот брат Коста. Затоа го игнорира нејзиното присуство во градот, сè до оној момент кога Коста му соопштува дека Вера, всушност, била заврбувана од НКВД, уценета со судбината на нејзиниот брат во СССР. Дури тогаш Драгослав оди кај неа. Кај него преовладува презирот што го чувствува поради нејзиното „предавство“. За Вера нема повеќе надеж, сама е во својата пустош и се самоубива. Така и ја наоѓа Коста кога сиот претепан од Бургер и неговите доаѓа да и каже дека заминува. Така ја наоѓаат и агентите на ОЗНА дојдени по пријавата на Драгослав. Тој ја извршил својата граѓанска должност и стравотно го доживеа својот морален пад, по којшто животот повеќе нема смисла. Драгослав се самоубива во исто време кога неговиот брат Коста, барајќи го својот пат, под вагонот на железничката композиција, илегално ја минува границата.
[уреди] Остварувања, последици
Неочекуваниот подем што македонската играна продукција го доживеа со филмот „Среќна нова '49“ се должи на низа, можеби сè уште неразјаснети околности. Овој филм е произведен во миговите на една тешка организационо-техничка криза, која веќе со години вирееше во македонската филмска продукција. Резултатите на овој план во текот на три-четири години воопшто не покажуваа некој задоволителен квалитет. Рестриктивната ситуација во најголемиот дел од сегментите на кинематографското производство беше сериозна закана и за нејзиниот натамошен кадровски растеж. По успехот со својот игран првенец „Црвениот коњ“, Столе Попов со исклучителна творечка енергија и производствен ангажман ќе пристапи кон реализацијата на филмот „Среќна нова '49“. Пред сè, Попов со голема доза на творечка интуиција го одбра драмскиот текст на Гордан Михиќ, и од него создаде, заедно со авторот, една прегнантна сценаристичка адаптација. Овде мораме да имаме предвид и еден друг момент, а тоа е длабоката креативна заинтересираност на Попов за визуелниот третман на историските собитија на нашиве простори, а тоа како една целосна драмска структура веќе беше мошне успешно пласирано и во „Црвениот коњ“. Така и во „Среќна нова '49“ имаме еден комплексен пристап кон хуманистичките позиции на луѓето поставени и обусловени со определени историски околности и зафатени во нивните идеолошки рамки. Авторите на филмот уште на самиот почеток ќе нè воведат во идиличната атмосфера на едно предградие во едно жешко јулско пладне, поставувајќи нè директно пред портите на пеколните осознавања на некои историски конфузии, но и за луѓето фатени во тие безмилосни стапици.
Всушност, филмот во својата визуелна основа ни ја претставува атмосферата во едно семејство, кое поставено во таквите историски услови не се осипува, туку се присобира околу еден прстен на злото наметнат од времето и од неразбирливите ситуации што тоа време ги манифестира. Сепак, основната тема на филмот е донесувањето на Резолуцијата на Информбирото и реперкусиите предизвикани од неа во нашата општествена средина. Така, ова семејство претставува типична, и за тоа време просечна општествена клетка, чија трагична судбина, исто така, е карактеристична за тие историски денови. Нејзиниот најекспониран член е Драгослав - Бота, млад човек испратен во Советскиот Сојуз да ги изучува економските науки. Но Резолуцијата со своето дејство ги прекинува неговите студии. Тој е принуден, заедно со другите студенти и со својата свршеница, да го напушти СССР. Трагичните недоразбирања и насетувањето на определени драмски тензии, започнуваат веќе во возот, што протагонистите ги враќа во Југославија. Тоа дејство, тоа зло пред сè, ќе им ги загрози нивните душевни состојби, ќе започне да ги подрива нивните меѓусебни врски и односи, и ќе остави пустош во она што го нарекуваме хуманистички простор. Отприлика вакви трауматски целини содржи драмската структура на „Среќна нова '49“. Се разбира, тие тука се распоредени во низа основни драматуршки пунктови, коишто, ги носат, секој одделно,различните протагонисти на оваа драма.
Дали идеолошката репресија е виновникот за уништувањето на некои од најдлабоките човечки чувства? Авторите на филмот, следејќи ја својата, пред сè, реалистичка постапка - на тоа децидирано не ни одговараат. Тие само ги редат фактите и постапките, со прецизна драматуршка упорност, подредувајќи ги така во еден трагичен калеидоскоп на тоа време и тој простор. Режисерот Столе Попов во сите изразни сегменти од филмот успева да постигне една исклучителна хармонија во нивното поврзување, што неизбежно ќе резултира со едно естетски функционално содејство меѓу сите нив. Така, веќе на првата глетка е забележливо дека фокусот на дејството е ставен врз актерите, а нивниот избор, навистина, е направен со несекојдневна авторска грижа. Тројцата главни протагонисти ги толкуваат: Мето Јовановски, Владица Милосавлевиќ и Светозар Цветковиќ; потоа, тука се и: Ацо Ѓорчев, Милица Стојанова, Синоличка Трпкова, Душко Костовски, Петар Арсовски, Гоце Тодоровски, Иван Беќарев, Младен Крстевски, Мите Грозданов.
Вонредно успешен придонес за стилскиот план на филмот даваат и камерата на маестрото Мишо Самоиловски, сценографијата на Никола Лазаревски, костимографијата на Јасминка Јешиќ, монтажата на Лаки Чемчев и музичката придружба на композиторот Љупчо Константинов. Акустичниот и ликовниот дел од филмот ја пронашле својата комплементарна исполнетост во филмот, којашто носи едни вистински естетски доблести.
[уреди] Режија, актери, тим на соработници
Режија: Стојан Попов - Столе Сценарио: Михиќ Гордан Директор на фотографија: Самоиловски Мишо Монтажа: Чемчев Вангел Лаки Главни улоги: Арсовски Петар, Грозданов Мите, Ѓорчев Александар-Ацо, Јовановски Мето, Костовски Душко, Милосављевиќ Владица, Симоновски Кире, Стојанова Милица, Тодоровски Гоце, Трпкова Синоличка, Цветковиќ Светозар Споредни улоги: Бисерков Ѓорѓи, Јашар Мустафа, Крстевски Младен, Михајловски Јовица, Петрушевски Ванчо Иван, Шехтански Александар Музика: Константинов Љупчо Сценографија: Лазаревски Никола Костимографија: Јешиќ Јасминка Тон: Јаневски Јордан Монтажа на тон: Јаневски Јордан Соработник: Моловски Томе Директор на филм: Мижимаков Панта
Други улоги:
- Љупчо Хаџистојанов
- Иван Беќарев
- Ратко Танкосиќ
- Јани Мушу
- Каљопи Буклевска
- Драгољуб Војнов
- Боби Недевски
- Раде Рогожаров
- Мирослав Михајловски
- Димитрие Спасовски
- Кица Ивковска
- Ратко Радивојевиќ
- Михајло Јевтиќ
- Душица Јевтиќ
- Киро Божиновски
- Страшо Милошевски
- Љиљана Јовановски
Други соработници:
музиката ја изведува -- Гудачки оркестар при оркестарот на Македонската филхармонија; Членови на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје тон мајстор -- Атанас Панајотовски музички продуцент -- Илија Пејовски диригент -- Љупчо Константинов соработници -- Слободан Леман Голубовиќ; Тихомир Бачовски; Морен Петров; Марија Ѓорѓевиќ; Радмила Иватовиќ; Евдокија Нанчева; Даница Ракочевиќ; Владимир Самоиловски; Петар Богоевски; Александар Прошев; Душан Јовановски; Љубица Крстевска; Томе Моловски; Благоја Ангеловски; Владимир Камберски; Душан Марковиќ; Немања Петровиќ; Жарко Џипунов; Живан Влајиќ; Делија Анѓелковиќ; Коста Јаневски; Софија Макриевска; Милован Гаѓански; Радиша Милојевиќ; Цветан Смилевски; Жаклина Крстевска; Живка Мушицки; Мома Мрдаковиќ