Јанаки и Милтон Манаки
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
Браќата Манаки, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1882-1964), се првите филмски сниматели на Балканот, родени се во малото влашко село Авдела, во близина на градот Гревена, во денешна Грција.
Јанаки бил образован и талентиран за цртање, а помладиот Милтон бил темпераментен и имал голема љубов кон коњите и играта табла. По завршувањето на образованието, во 1898 година Јанаки се вработува во гимназијата во Јанина како професор по цртање и калиграфија, а истовремено отвора и фотографски дуќан. Така започнува нивната заедничка работа во фотографското ателје каде Милтон го изучува фотографскиот занает од постариот брат.
Во 1905 година браќата се селат во Битола, која во тој период била важен политички, економски и културен центар на Балканот, и го отвораат познатото „Ателје за уметничка фотографија“. Битола ќе остане и последна станица во животот на Милтон Манаки. Според сеќавањата на Милтон, таа година брат му Јанаки од Лондон купил филмска камера производство на компанијата “Charles Urban Trading” и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Така, со таа фамозна Камера 300 започнува кинематографијата на Балканот.
Во извонредно богатиот и значаен филмски опус на браќата Манаки, останале забележани голем број значајни манифестации и личности од почетокот на ХХ-от век, како и прекрасни записи за народни обичаи, верски ритуали, прослави, како и многу познатите снимки на турските репресалии врз македонското население по Илинденското востание. Покрај работата во фотографското ателје и снимањето со филмската камера, еден период браќата Манаки се занимавале и со киноприкажувачка дејност во нивното кино „Манаки“ кое работело од 1921 до 1939 година.
Целокупниот фотографски и филмски опус на браќата Манаки е без сомнение пребогат и премногу значаен. Неговите фактографски и естетски вредности, со одминувањето на времето се здобиваат со уште една димензија, онаа историската, и тоа не само за Македонската кинематографија, туку и многу пошироко.