Алфред Халиков
Од Википедија, слободна енциклопедија
Алфред Хасанович Халиков (30 мај 1929 - 24 јули 1994) е татарстански археолог од светски глас.
Роден е во селото Курманаево, во Нурлатскиот регион во Татарстан, во семејство на учители. По завршувањето на училиштето, во 1947 година запишува историја на универзитетот во Казан. Под раководството на својот професор, познатиот историчар и археолог Н.Ф. Калинин, Алфред Халиков учествува во ископувањето на археолошки локалитети.
Од 1951 до завршувањето на универзитетот, Халиков започнува да работи како лаборант археолог во Институтот за јазици, литература и историја. Во 1956 година ја брани кандидатската, а во 1966 година и докторската дисертација. Во 1992 година е избран за дописен член на Академијата на науките на Република Татарстан.
Основната научна дејност на Алфред Халиков е поврзана со археологијата. До последната година на животот учествува во научни експедиции. Халиков раководи работи на археолошки истражувања на територијата на Татарстан за составување на археолошки карти (до сега се забележани околу 5 000 археолошки објекти од палеолитот до доцните средни векови).
По одбраната на докторската дисертација, Алфред Халиков својот научен интерес го насочува кон проучувањето на Волшка Бугарија и Казанското ханство. Други цели на неговото научно истражување се етногенезата и етничката историја на народите во средниот тек на реката Волга и околу планината Урал: Прабугарите и финско-унгарските народи.
Алфред Халиков е научник-енциклопедист. Има објавено околу 500 научни дела, меѓу кои и 30-ина книги. Држи предавања на Казанскиот универзитет, и речиси секоја година учествува со свои реферати на конгреси и симпозиуми во Финска, Бугарија, Унгарија, Чешка, Полска, Турција и други земји.
[уреди] Надворешни врски
- Биографија на Алфред Халиков (руски)
- Алфред Халиков (1929 - 1994) - (руски)
- А.Х. Халиков: 500 руски презимиња од бугаро-татарско потекло (руски и бугаро-татарски)