Астрономија и астрофизика
Од Википедија, слободна енциклопедија
Астрономија (од грчки: αστρονομία = άστρον + νόμος, буквално, "закон на ѕвездите") е наука што се занимава со набљудување и објаснување на настаните што се одвиваат надвор од рамките на планетата Земја и нејзината атмосфера. Таа ги изучува потеклото, еволуцијата, и физичките и хемиските својства на објектите и појавите што можат да се видат на небесната сфера.
Астрофизика е наука која ги проучува физичките појави кои се сретнуваат кај космичките објекти. Ги применува законите на физиката на целиот космос и објектите во него. Во рамките на нејзиното проучување се: физичките процеси во внатрешноста на ѕвездите, нивните атмосфери, меѓуѕвездената средина, формирање и еволуција на ѕвездите, создавање на планетарните системи, морфологија и еволуција на галаксиите, состав и еволуција на космосот. Во блиска сродност се и поимите космологија и космогонија.
Космологија е учење за вселената како целина и за нејзините најопшти својства.
Космогонија (од грчкиот збор космос-вселена и генос-опстанок) бара одговори на прашањата: кога настанале Вселената, галаксиите, ѕвездите, планетите и какви промени настануваат кај нив.