Бања Баниште
Од Википедија, слободна енциклопедија
Бањата Бањиште е лоцирана во подножјето на планината Крчин, на надморска височина од 870 метри. Планинскиот простор во кој се наоѓа не е пречка за да се дојде до оваа бања. Во нејзина близина се наоѓа регионалниот пат Скопје – Дебар – Охрид, од кој се двои асфалтен пат до бањата.
Физичко – хемиските особини на водата во бањата Бањиште се основна атрактивно – мотивска вредност.
Во бањата се јавуваат три извори и тоа: Нова Каптажа, Горни Базен и Долни Базен. Овие извори се разликуваат според штедроста и според температурата и радиоактивноста на водата.
Највисока температура на водата има изворот Долни Базен, која изнесува 39,3ºC. Најниска температура на водата има во Горниот базен, каде изнесува 36 ºC, додека во Новата Каптажа има вредност од 38,8 ºC.
Штедроста на Новата Каптажа изнесува преку 51 l/sec, во Долниот Базен 35 l/sec, а во Горниот Базен 5,2 l/sec. Според тоа температурата на водата изнесува околу 38 ºC, а количеството на вода околу 91 l/sec.
Радиоактивноста е најголема во Новата Каптажа, каде изнесува 26,75 m.e, во Горниот Базен е 20,65 m.e, а во Долниот Базен 16,89 m.e. Водата поседува анјони на сулфат, хлорид, хидрокарбонат, хидроборат и хидроарсенат, катјони на калциум, магнезиум, натриум, калиум, и железо, колоидни растворени оксиди на мангандиоксид и силициумдиоксид, растворени гасови на јагленороддиоксид, сулфурводород амонијак и сулфурдиоксид, потоа елементи на литиум, цезиум, рибидиум и флуор, како и слободни гасови на сулфурводород, јаглендиоксид, кислород и водород.
Бањата овозможува успешно лечење на следниве болести:
- Сите видови на субакутен и хронично воспалителен ревматизам;
- Дегенеративен ревматизам на сите зглобови и ревматизам во рбетниот столб;
- Сите форми на ревматични болести
- Сите вонзглобни ревматизми;
- Слабост на мускулите по траума на зглобовите и преломи на коски;
- Кожни болести, псорјаза габични и др;
- Долготрајни заболувања на желудникот и регулација на киселините;
- Заболувања на жолчката,
- Белодробни заболувања
- Песок и поситен камен во мочните патишта и канали;
- Лесни форми на шеќерна болест;
- И други видови заболувања.
Водите во ова лечилиште може да се користат и во рекреативно – превентивна и рехабилитациона смисла.
Околниот простор е проткаен со бројни видици кои можат да се искористат за набљудување на дисецираниот релјеф и пејсажните вредности во долината на реката Црни Дрим, што овозможува целосна реституција. Освен тоа, медитеранските влијанија кои се чувствуваат во климата на овој простор и разновидните флористички елементи се погодности за прошетки. Уредувањето на патеки за ваква намена и видиковците треба да бидат основа во користењето на бањскиот простор за повеќе рекреативно – туристички активности. Во бањата може да се користи старата бања која се користела уште во турско – османлискиот период и новите објекти. Во новите објекти се наоѓаат средства со чија помош можат да се применуваат и други видови терапии, покрај водените терапии со што извонредно се комбинираат.