Веб 2.0
Од Википедија, слободна енциклопедија
Веб 2.0 (анг. Web 2.0), е фраза составена од О’Рајли Медија во 2004 година[1], а се однесува на перцепираните или предложените услуги базирани на интернет од втора генерација, како што се веб-сајтовите за социјално вмрежување, вики-апликации, алатки за комуникација и фолксономии, со кои се нагласува соработката преку интернет и споделувањето информации помеѓу корисниците. О‘Рајли Медија и Медија лајв интернешнл ја користеа фразата како наслов за серија конференции, по што некои техничари и луѓе од маркетингот ја имаа усвоено. Нејзиното значење не е точно определено, а некои експерти, како Тим Бернерс Ли, го имаат поставено прашањето дали терминот воопшто има значење[2].
Последната, компактна дефиниција на Веб 2.0, според Тим О’Рајли, гласи:
„Веб 2.0 е деловна револуција во компјутерската индустрија, предизвикана од придвижувањето кон интернет како платформа, и претставува обид да се разберат правилата за успех на оваа нова платформа. Главно правило во оваа област е: гради апликации кои ги користат ефектите од вмрежувањето за да станат подобри, па за да ги користат повеќе луѓе. (Ова на друго место го имам наречено „користење на колективната интелигенција“.)“[3].