Димитрија Чуповски
Од Википедија, слободна енциклопедија
Димитрија Чуповски | |
---|---|
Роден | 8 ноември, 1878 Папрадиште (Велешко), Република Македонија |
Починал | 29 октомври, 1940 Ленинград (дн. Санкт Петербург), СССР (дн. Русија) |
Димитрија Чуповски е роден на 8 ноември 1878 година во велешкото село Папрадиште. Роден е како посмртче, откако неговиот татко бил убиен од страна на албански платеници. Кога имал десет години неговото родно село било изгорено од албански качаци и семејството му се сели во Крушево, родното место на неговата мајка. Откако го научил молерскиот занает, тој и неговите браќа заминуваат на печалба во Софија.
Во престолнината на штотуку создадената бугарска држава, Димитрија дење работел, а ноќе го посетувал училиштето што било организирано за Македоците од страна на Даме Груев, Петар поп Арсов и други будни македонски студенти. Така, покрај образованието, Димитрија имал можност да навлезе подлабоко и во македонското ослободително движење, со што бил зацртан неговиот иден животен пат.
Подоцна Чуповски своето образование го продолжил во Србија и Русија. Во Русија тој го формира “Македонското научно - литературно другарство во Петербург“, предвесникот на денешната Македонска академија на науките и уметностите. Другарство развива широка мрежа од активности, пред се за запознавање на руската и пошироката европска јавност со вистинските состојби во кои се наоѓале Македонија и Македонците во тоа време.
Димитрија Чуповски почина во Ленинград (Санкт Петербург), на 29 октомври 1940 година. По половина век, во 1990 г., неговите посмртни остатоци беа пренесени во Скопје.
Димитрија Чуповски ќе остане забележен во историјата како еден од најголемите борци за самобитноста на македонскиот народ.