Дојранско Езеро
Од Википедија, слободна енциклопедија
[уреди] Географски карактеристики
Дојранското Езеро е најмалото тектонско езеро во Република Македонија. Се наоѓа во нејзиниот југоисточен дел, заземајќи површина од 43,1 км². Западниот, поголемиот дел (27,3 км²) и припаѓа на Република Македонија а источниот, помалиот (15,8 км²) на Грција.
[уреди] Хидрологија
Нивото на езерото е на надморска висина од 148 метри. Тоа е плитко езеро, со најголема длабочина од 10 метри. Дојранското Езеро е создадено во неогено-квартерниот период и има тектонско-вулканско потекло. Всушност, тоа е реликтен остаток од некогашното плеистоценско Пеонско Езеро, коешто зафаќало површина од околу 127 км².
[уреди] Флора и Фауна
Дојранското Езеро е еутрофно езеро, заради големата продукција на органска материја. Животинскиот свет е претставен од без'рбетници (праживотни-едноклеточни животни, сунгери, црви, мекотели, членконоги, инсекти и др), како и претставници од 'рбетниците (риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи). Во Дојранското Езеро регистрирани се 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, 1 вид претставува локален ендемит. Некои без'рбетници (посебно вилинските коњчиња) и неколку видови птици, се наоѓаат на листата на CORINE. Дојранското Езеро е познато по традиционалниот начин на ловење риби со помош на птици во огради од трска, т.н. мандри.