Модемџии
Од Википедија, слободна енциклопедија
Модемџии е назив за луѓето кои меѓу првите во Македонија се занимавале со електронски комуникации со помош на компјутер и модем, особено преку неколкуте локални ББС-и, како Извор, ИнФорма ЕИС, Санлајн и други.
Поврзувањето на интернет во Македонија (1995) истовремено довело до зенит и згаснување на модемџиството како појава. Во периодот меѓу 1995 и 1998 голем број луѓе се вклучија во дигиталните комуникации, но поради високите цени на пристап преку провајдерите Унет и Македонски телекомуникации ги користеа ББС-ите како алтернативно средство за праќање е-пошта.
Користењето на интернет преку автоматско поврзување (преку ТЦП/ИП протоколи вградени во оперативните системи) наместо преку програми кои бараа дополнителна вештина за поставување довело до омасовување на дигиталните комуникации, но и опаѓање на чувството на посебност кај модемџиите.
Дел од модемџиите беа вклучени и во активностите за создавање електронска музика и организирање на журки (трекер парти) и концерти, како и други забавни активности, меѓу кои и редовните дружења секоја сабота приквечер „во Бела“ и изборот на најдобра боза (Боздеј).