Озимандиас
Од Википедија, слободна енциклопедија
"Озимандиас" е познат сонет напишан од англискиот романтичарски поет Перси Биш Шели и објавен во 1818. Често претставуван во низа антологии како еден од највисоките дострели на англиската поезија од деветнаесетти век, "Озимандиас" е несомнено една од најпознатите поеми на Шели.
Содржина |
[уреди] Општи податоци за сонетот
Она што го истакнува "Озимандиас" како една исклучителна поема, не занемарувајќи ја тематиката, односно Шелиевото сфаќање за минливоста на моќта, е, пред сѐ, неговата виртуозна дикција и неговата специфична шема (АБАБАВГВ ДГДЃД). Со помош на овие два поетски елементи, едноставноста на изразот и честото прескокнување на стиховите од една во друга линија, Шели успева да го забави монологот на патникот, создавајќи атмосфера на празнотија и нарушена грандиозност. Ритамот, од друга страна, е јамбски пентаметар - класично прозодично средство кога е во прашање англиската поезија.
Напишан е во декември 1817 година и за прв пат е објавен од страна на Ли Хант во списанието Examiner (македонски:Прегледувач) на 11 јануари 1818. Во 1819 година, во Шелиевата Розалинда и Хелен, кадешто сонетот е препечатен, Шели го опишува "Озимандиас" како една од неколкуте недовршени поеми што ги оставив во Англија. Исто така, тој истакнува и дека поемата е влезена во склопот на книгата само по барање на неговиот издавач. Всушност, без разлика на тоа што "Озимандиас" ужива огромна популарност кај љубителите на поезијата, дел од критичарите на делото на Шели често ја запрашуваат неговата литературна вредност. Харолд Блум, во една од поголемите студии за Шели - Shelley's Mythmaking (1959) (Шели: Создавање на Митот) воопшто и не ја споменува песната.
[уреди] Оригинал и препев на македонски
OZYMANDIAS
|
ОЗИМАНДИАС
|
[уреди] Теми
Песната разработува низа теми, како минливоста на моќта, постојаноста на уметноста и чудниот и контрадикторен однос меѓу уметникот и неговото дело.
Типично романтичарски, Шели, во "Озимандиас", дејството го сместува во еден егзотичен предел (Египет, односно пустината Сахара), обидувајќи се на тој начин да избега од реалноста - Египет, Индија и Кина биле често користени од страна на поетите во романтизмот како извор за современите митови. И иако Наполеон, како современ тиранин од епохата на Шели (кој само три години пред создавањето на поемата е запрен кај Ватерло) како и за еден голем дел од романтичарите, може да е директна инспирација за создавањето на оваа поема, сепак "Озимандиас" има пошироко значење.
Оддалечувањето од реалноста е засилено и со воведувањето на патникот, чии зборови всушност ја создаваат поемата. Структурата на епитафите, кои често започуваат со повик кон случајниот минувач (Патнику!), наоѓа свој специфичен одек преку внесувањето на вториот лик.
[уреди] Анализа
Името Озимандиас најверојатно се однесува на Рамзес II или Рамзес Велики, фараон од деветнаесеттата египетска династија. Самиот сонет претставува парафраза и е директно инспириран од наводниот напис на основата на статуата спомнат од страна на грчкиот историчар Диодориј Сикулус: "Крал на Кралевите сум јас, Озимандиас. Ако некој знае колку сум возвишен и каде спијам јас, тогаш нека надмине едно од моите дела."[1]
Смислата на песната се содржи токму во зборовите на големиот фараон:"Озимандиас сум, на Кралеви - Крал,|со очај, моќнику, кон мене гледај!" или во буквален превод од оригиналот:"Моето име е Озимандиaс, на Кралеви - Крал,|Погледни на моите дела, моќнику и очајувај!". Двојната иронија сместена во овие два стиха е многу пати анализирана и разработувана.
Имено, и покрај наредбата на Озимандиас, очајот кај моќникот не треба да се јави поради тоа што делата на Озимандиас го надживеале неговото име, туку токму поради тоа што ништо, освен еден "здробен лик" и "кип што гние" не останале од него. Судбината на моќникот ќе биде иста: заборав во песокот на времето. Од друга страна пак, и она што останало од Озимандиас не е по негова заслуга, туку е по заслуга на скулпторот.
[уреди] Сонетот и археологијата
Во сонетот Шели истакнува дека Озимандиас има "жежок и збрчкан насмев". Всушност, ниту една од статуите на Рамзес досега пронајдени во Египет не можат да се опишат на овој начин. Фараонските лица секогаш се прикажувани спокојни, смирени и без чувства.
[уреди] Извори
- ↑ RPO Editors. „Percy Bysshe Shelley : Ozymandias“. University of Toronto Department of English. University of Toronto Libraries, University of Toronto Press. [Страната е посетена на 2006-09-18].
- Rodenbeck, John (2004). "Travelers from an Antique Land: Shelley's Inspiration for ‘Ozymandias". Alif: Journal of Comparative Poetics 24 (Archeology of Literature: Tracing the Old in the New): 121–148.
[уреди] Надворешни врски
- Representative Poetry Online: Percy Bysshe Shelley (1792-1822), "Ozymandias" (текст на поемата со белешки)
- World Treasures (National Library of Australia) (автентична копија на поемата од една од тетратките на Шели; покажува мали варијации во однос на модерните верзии на сонетот)
- Песна на Хорас Смит со исто име и иста тематика
- The later Romantics (есеј на Ана Марија Тупен со опширна обработка на двојната иронија во сонетот)