Тапан
Од Википедија, слободна енциклопедија
Тапанот е македонски народен ударен инструмент направен од буково, оревово или костеново дрво и покриен со штавена овча или козја кожа од двете страни. Кожите се оптегнати преку два обрача и се затегнати со јажиња кои дијагонално одат од едниот до другиот обрач.
Тапанот се свири со две посебни палки: кукуда и прачка.
Кукудата се прави од оревово дрво и по облик е нешто налик на луле. Прачката пак е тенка, и обично се прави од кучешки дрен или врба.
Тапанџијата го чува тапанот нарамен со ремен во малку наведната положба за да може да удира со кукудата од едната страна, а со прачката од другата. Овој начин на свирење резултира во мешавина од длабоки и високи звуци, со комплексен ритам и непредвидлив ритмички израз.
Тапанот ретко се користи како соло инструмент. Обично се свири заедно со други инструменти, особено со зурли.
Тапанот е предвиден да ја издржи тежината на возрасен човек при изведбата на народни игри и ора. Кожите се затегаат со нагорно повлекување на јажињата, едно по едно.