Уставен суд на Република Македонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Уставниот суд на Република Македонија е орган што ја штити уставноста и законитоста во Република Македонија. Составен е од девет судии избрани од Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор.
[уреди] Надлежности
Уставниот суд на Република Македонија:
- одлучува за согласноста на законите со Уставот;
- одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
- ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
- решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
- решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
- одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
- одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
- одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.
[уреди] Историја
Уставниот суд на Република Македонија е формиран во 1963 година.
Досегашни претседатели на Уставниот суд на Република Македонија биле:
- Перо Коробар 1963-1974
- Асен Групче 1974-1979
- Гога Николовски 1979-1984
- Владимир Митков 1984-1986
- Димче Козаров 1986-1987
- Фиданчо Стоев 1987-1989
- Јордан Арсов 1989-1994
- Јован Проевски 1994-1997
- Милан Недков 1997-2000
- Тодор Џунов 2000-2003
- Лилјана Ингилизова – Ристова 2003-
[уреди] Надворешни врски
Официјална страница на Уставниот суд на Република Македонија