Гемиџиите
Од Википедија, слободна енциклопедија
Во 1903 г. во продеолжение на четири дена, една анархистичка револуционерна група составена од македонски студенти во Солун нарекувајки се "Гемиџии", извршува серија бомбени атентати во различни делови на Солун. Целта на овие дејствија е да се атакуваат европските капитали во Османската империја, за да се привлече вниманието на Великите сили врз македонското прашање.
Содржина |
[уреди] Групата “Гемиџии”
“Гемиџиите” се група македонци револуционери, анархисти по убедување. Сите до еден се ученици во солунската машка гимназија. Повеќето се младинци на возраст од 18 до 22 години: Јордан Поп Јорданов - Орцето, раководител на Кружокот, Димитар Мечев - Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, сите од Велес, како и Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, Начо Стојанов, Гоце Чанев, Унгарката Ана Шапец и други. Повеќето од гемиџиите биле интелектуалци, коишто доброволно се здружиле меѓу себе, формирајќи го Кружокот, под влијание на анархистичките идеи на руските и ерменските анархисти.
Групата била конспиративна - никој освен нив десетина, не знаел што точно подготвуваат и како ќе ја изведат својата акција.
[уреди] Етимологија на името
Постојат повеќе верзии за тоа како Кружокот го добил името "Гемиџии". Една од нив е дека гемиџиите го добиле ова име затоа што сакале на симболичен начин да кажат дека тие биле луѓе што веќе се простиле од животот и го пуштиле својот чун (гемија) во бурното море со што или ќе успеат да го извадат на брегот или ќе го разбијат од карпите, односно нема да успеат.
[уреди] Цел на атентатите
Не можејки да го поднесат страдањето на својот народ од турската тиранија и деспотство, тие решаваат да направат изјава, да го полуларизираат македонското прашање во Европа. Решаваат дека за таа цел, објект на нивните напади треба да биде европскиот капитал и сопственост во Турција, и по можност да се всее колку што може повеке хаос во градот извршувајки напади врз државни објекти. Гемиџиите се стремеле да ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и преку индивидуални акции да ги предизвикаат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење.
[уреди] Подготовки
Во 1902 г. тие стапуваат во контакт со Борис Сарафов, кој им испраќа определена сума пари за да можат да ја извршат операцијата. Со парите, тие најмуваат куќа веднаш наспроти “Банк Отоман”, и цела година групата копа тунел под земјата што води кон основите на банката. Иако Гемиџиите планирале што побргу да ги извршат нападите, добиле инструкции од Груев да почекаат и да ја синхронизираат нивната акција, заедно со предстојното востание (Илинденско Востание).
Даме Груев бил категоричен против тоа гемиџиите да дејствуваат на своја глава, односно самостојно - додека Борис Сарафов им дал и морална и материјална подршка.
Групата решава атентатите да започнат на 28 април 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил следен: да се потопи францускиот брод; да се минира пругата во близина на солунската станица; да се запали резервоарот за газија од кој што се осветлувал градот; да се дигне во воздух Отоманската банка; да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата. Секој точно знаел каква била неговата задача во определеното време за акција. Условот бил апсолутна волја за смрт за започнатото дело да се смета за успешно.
[уреди] Атентатите
На 28 Април 1903 г. на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот параход "Гвадалкивир". Оваа акција излегла двојно успешно, бидејќи бродот бил запален, но и патниците сите до еден спасени.
Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов го дигаат во воздух возот на линијата Истанбул-Солун. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан општ хаос во железничкиот сообраќај.
На 29 Април Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките за осветителен гас и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница, и без вода - паника, хаос и страв насекаде во градот.
Планот се одвива како што е планирано.
Десетина минути после изгаснувањето на осветлувањето, Jордан Попјорданов (Орце) ја дига во воздух зградата на "Банк Отоман" во градот.
Во истото време Милан Арсов фрла бомба во кафеаната "Алхамбра", а Владимир Пингов фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа) и е застрелан од војници.
Костантин Кирков фрла бомба пред солунскиот "Гранд хотел".
На 30 Април Кирков прави обид да ја дигне во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од многубројната турска полиција.
Истиот ден во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Попjорданов.
На 1 Мај, Илија Трчков фрла неколку бомби на централната улица в Солун.
Димитар Мечев фрла бомба пред хотелот "Египет", а Георги Богданов ја дига во воздух кафеаната "Ноја". Мечев и Трчков се убиени од турската полиција, а Богданов е уапсен.
Истиот ден Цветко Наумов прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехти паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба.
[уреди] Одгласи
Планот на гемиџиите бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известувале своите влади за солунските настани. Билансот на атентатите бил следен: директно од динамитот на гемиџиите настрадале "Гвадалкивир", Банк Отоман, гасоводните цевки, Гранд Хотел Солун, кафеаните "Ал хамбра" и "Ноја" и "Бошнак-ан". Бил урнат Германскиот клуб, кафеаната "Египет", како и неколку други локали.
Така завршува акцијата на македонските атентатори, кои во продолжение на четири дена сеат ужас кај турската власт и населението. Во битка со војската и полицијата се убиени Орце Попјорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Наумов. Уапсени се Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие отпрвин се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со заточение во Фезан (Африка).
Гемиџиите – млади македонски револуционери, исполнувајки ги успешно своите цели, успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време.
[уреди] Надворешни врски
- Солунскиот атентат и заточениците во Фезан. По спомени на Павел Шатев.
- Сто години од Солунските атентати
- Солунските атентати
- Сто години од акциите на гемиџиите во Солун
- Во Македонија под робство, на бугарски јазик.