Ема Голдман
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ема Голдман (27 јуни 1869 - 14 мај 1940) е една од највлијателните анархистки во историјата, позната и по своите феминистички ставови.
Голдман е родена во Каунас, Литванија, но на 17 години, заедно со својата постара сестра, имигрира во САД. Бесењето на четворица анархисти, кои биле обвинети за Хајмаркетските немири во Чикаго во 1886, било причината што Голдман се приклонува кон анархизмот.
По избувнувањето на Руската револуција во февруари 1917 и по ширењето на анти-левичарската еуфорија во САД, Голдман заедно со останатите опасни „црвени“ била депортирана во Русија. На почетокот Голдман била подготвена да ги поддржи комунистите, но во 1919 пропатувала низ Русија заедно со Александар Беркман и била ужасната од растечкото бирократизирање на новата власт, од политичките прогони и од принудниот труд на кој било изложено населението. Конечниот раскин со комунистите настанал во март 1921, за време на Кронштатскиот бунт. Голдман ја напушта Русија во декември 1921 и оди во Британија.
Во 1936, кога избувнала Шпанската граѓанска војна, Голдман, која веќе има 67 години, заминува во Шпанија да се бори против Франко.
Умира во Торонто, во 1940. Закопана е во Чикаго, недалеку од гробовите на „Чикашките маченици“.