Историја на македонскиот филм
Од Википедија, слободна енциклопедија
Филмското производство во Македонија започна спонтано во почетокот на ХХ-тиот век, како индивидуални опити на поединци кои беа фасцинирани со новиот медиум на подвижните слики. Браќата Јанаки и Милтон Манаки во 1905 година, само една деценија по појавата на филмот, со нивната 35 мм филмска камера "Bioscope No. 300", производство на Charles Urban Trading Co., ги направија првите филмски снимки не само во Македонија туку и на Балканот.
Пионерскиот подвиг на Манакиевци ќе го продолжи Арсениј Јовков, снимајќи го во 1923 година филмот "Македонија" со јасно профилирана свест за национална кинематографија. Првите обиди, пак, за организирана филмска продукција се направени во рамките на филмското одделение на Хигиенскиот завод од Скопје, кој во 1931 година започнува со сопствена филмска продукција. Пред Втората светска војна во Македонија живнува и аматерското производство на филмови.
Филмската продукција како базичен дел на институционално организираната кинематографија, во Македонија се раѓа во 1947 година со формирањето на "Вардар филм". Со основање на оваа продуцентска куќа, Македонија се здоби со своја национална кинематографија.
Со почетните скромни кадровски и технички можности производството на филмови брзо се развивало. Постопено се ширела техничката база, а голем број вработени се специјализирале за комплетирање на филмското производство. Тоа доведува до зголемување на филмската продукција, и со текот на времето, и до оспособување за производство на сите филмски видови и жанрови.
Во развојот на филмската продукција во Македонија, особено влијание одиграле филмските творци кои кон средината на 60-тите можеле да имаат статус на слободни (самостојни) филмски работници, кои потем на различни начини се организирале, се здружувале меѓу себе или, пак, соработувале со државната продуцентска куќа со склучување на посебни договори. Како резултат на овој статус на филмските автори, зачетоците на првичните приватни облици во филмското производство во Македонија се појавија за прв пат, уште во 1968 година, кога на иницијатива на неколку филмски работници била формирана Филмската Работна Заедница (ФРЗ). Така започнува конкуренција меѓу "Вардар филм", кој дотогаш бил монополска организација, и ФРЗ, што силно ја развива македонската филмска продукција и во квантитативна и во квалитативна смисла.
Со згаснувањето на Филмската Работна Заедница, продуцентски иницијативи пројавиле и "Македонија филм" и "Градски кина - Скопје", покрај единствениот "државен" продуцент "Вардар филм". Овие три институции одвреме-навреме влегуваа во копродукции.
Со развојот на филмското производство а, особено, со новите општествено-политички и економски односи по осамостојувањето на Македонија, дојде до експанзија на приватните продуцентски активности. Така од 1991 година во Македонија се оформени голем број приватни продуцентски куќи кои, со поголем или помал успех, работат и денес.
За повеќе информации: [1]