Народни носии од Горни Села
Од Википедија, слободна енциклопедија
Во селата јужно од Битола, наречени Горни Села, народната носија означена како горноселски руфет има свои посебни одлики.
Облеките од постарата женска носија што била во употреба до крајот на XIX век и почетокот на XX век, биле богато украсени со извезени, вткаени и аплицирани мотиви во светлоцрвена ал боја, по што и целокупната носија се означувала како алска. Кошулата со богати, густо извезени мотиви на ракавите и долу по полите, клашнената облека шајак, со светло црвени украси, ткаената скутина прегач, вкусно орнаментираните алови чорапи ја оформуваат носијата од овој предел. Зимската облека е ресулка, изработена од црвена клашна, украсена со црвени гајтани и рески од внатрешната страна. Невестинството се одбележувало со декоративната клашнена облека згорнца, ткаените крпи, шамиите, со нанизи од пари и метални украси.
Големата бела квадратна марама наречена даркма, со извезен украс гуган во едното ќоше, е покривка за глава. Жалоста жените од овие села ја искажуваат со носење даркма, која како траурен белег има извезен бел гуган со бели поткити.
Но од почетокот на XX век, особено од предилинденскиот период и потоа, оваа алска носија се заменува со облеки во кои преовладува црната боја, како во извезените и вткаените украси така и во материјалот од кои се изработени горните облеки. Црни облеки, како и кошули украсени со црн вез, веројатно прво се јавиле во селото Буково, зошто под името буковски се означуваат и во соседните региони, во кои се прошириле и биле носени - Леринско Поле, Прилепско Поле, Горна Преспа, Долна Преспа.