Носии од Овче Поле
Од Википедија, слободна енциклопедија
Народната носија од пределот Овче Поле се надоврзува на носијата од Бабуна со сличен облековен состав, но со одредени разлики во оформувањето и украсувањето на одделните облеки.
Во женската носија кошулите се од бело домашно платно, со разнобојни пругасти шарки означени со народниот назив кенари, а на ракавите има разнобојни украсни тантели оји. Елекот, со широк ѕвонест долен дел, поетавен е со дебело конопно платно и со прошиени конци, и сиот е малку набран. Украсни оји се застапени и на другите делови на носијата. Околу половината се опашува тесно, декоративно, орнаментирано појасче - ѕуница и скутина - пешкир, со вткаени пругасти и ситни геометриски шарки.
Платнените облеки во машката носија се од тенко платно кенарлија со кусо безракавно елече, преклопено на градите, ткаен, пругасто шарен, волнен појас, а машката скутина вута е со тесни црно бели пруги и ситни геометриски шарки на долниот дел. Носијата е дополнета со повеќе ткаени крпи бришалки што се носат на појасот, префрлени преку рамењата и на главата.
Специјална овчарска наметка е кунтеш од светло сива валана волнена ткаенина, со украсни црни гајтани и кожув од штавена овча кожа. Овие два вида облеки, отпорни на студ и влага, - придружувајќи го овчарот, биле постојан состав на носијата на сточарот како облеки, но во исто време и како постилачи и покривачи при спиење на отворено, па оттаму и констатацијата на народот - ,,овчар без кунтеш и кожув е како без куќа".