Пелистер
Од Википедија, слободна енциклопедија
[уреди] Географија
Националниот парк Пелистер се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 12.500 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно добро во Република Македонија. Се карактеризира со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2601 m). Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.
[уреди] Хидрографија
Од хидрографските објекти, со посебна природна привлечност се двете глацијални езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како “Горски Очи”.
[уреди] Флора и Фауна
Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Во вегетацијата на НП Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски а 13 тревни заедници. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата - автохтон вид на петоигличест бор со терциерна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри.
НП Пелистер претставува класично наоѓалиште за повеќе од 20 растителни видови, од коишто 2 се локални ендемити. Од 'рбетниците се среќаваат: 10 видови водоземци, 15 влечуги, 91 вид птици и 35 видови цицачи. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).