Социјалдемократски сојуз на Македонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е една од најголемите политички партии во Република Македонија. Формиран е на 20 април 1991 и е наследник на Сојузот на комунистите на Македонија. СДСМ е полноправен член на Социјалистичката Интернационала и е асоцијативен член на Партијата на европските социјалисти. Судејќи според името на партијата и според нејзините меѓународни врски, СДСМ е партија со социјалдемократска ориентација, но според политиката што ја спроведуваше додека беше на власт и според социјалниот профил на нејзиното членство и гласачко тело се работи за партија со либералистичка ориентација.
Прв претседател на СДСМ, од нејзиното формирање до 2004 година беше Бранко Црвенковски. По неговиот избор за претседател на Република Македонија, за претседател на СДСМ е избран Владо Бучковски, а од ноември 2006 година на чело на партијата е Радмила Шекеринска.
СДСМ има доживеано две отцепувања во својата историја. Првото се случи во 1993 година, кога се отцепи Петар Гошев, формирајќи ја Демократската партија, а второто во ноември 2005 година кога Тито Петковски, еден од дотогашните најистакнати членови на СДСМ, се отцепи од партијата и ја формира Нова социјалдемократска партија.
[уреди] Изборни резултати
СДСМ ги предводеше владите на Република Македонија во периодот од 1992 до 1998 и од 2002 до 2006.
На парламентарните избори во 2002 година СДСМ освои 43 од 120 пратенички мандати во Собранието на Македонија како дел од коалицијата За Македонија заедно, предводена од Социјалдемократскиот сојуз за Македонија и Либерално демократската партија. По изборите коалицијата За Македонија заедно формира влада со Демократската унија за интеграција.
На парламентарните избори во 2006 година СДСМ заедно со останатите партии членки на коалицијата За Македонија заедно освои 23.31% од гласовите и 32 пратенички мандати. Во прв ред поради отцепувањето на НСДП ова претставува најлош изборен резултат на СДСМ остварен на досегашните парламентарни избори.
Како последица на поразот на парламентарните избори и на сериозните внатрепартиски превирања во периодот по изборите, дотогашниот лидер Владо Бучковски ја загуби поддршката меѓу членовите на Централниот Комитет на партијата. На 5 ноември 2006 година, на вонредниот конгрес на СДСМ, лидерската позиција ја презеде Радмила Шекеринска.