Црвен плоштад
Од Википедија, слободна енциклопедија

Црвениот плоштад (руски: Красная площадь) се наоѓа во центарот на Москва и е најпознатиот плоштад во градот. Плоштадот го разделува Кремљ, поранешната кралска цитадела и моментално официјална резиденција на претседателот на Русија, од историската трговска четврт позната како Китај Город (руски: Китай Город) - или во превод: кинески град. Бидејќи од тука сите улици се распрснуваат низ градот во сите правци, а во подалечните делови од градот се претвораат во автопати, Црвениот плоштад често се смета за централен плоштад на Москва, а и на цела Русија.
На плоштадот се наоѓаат најпознатите знаменитости на Москва, како:
- ГУМ
- Мавзолејот на Ленин
- Црквата на Св. Василиј
- Ибериската порта
Содржина |
[уреди] Историја и потекло на името
Земјата на која што е сместен Црвениот плоштад била првично исполнета со дрвени градби, но тие биле исчистени со едиктот на царот Иван III од 1493 бидејќи тие објекти биле опасно подложни на пожари. Ново-отворената површина (оригинално позната едноставно како „пожарот“, односно „изгореното место“) постепено прерасна во примарен пазар на Москва. Подоцна, се користела и за разни јавни церемонии и прокламации, и повремено како место за крунисување на руските цареви. Од таа точка, плоштадот е постепено надоградуван и се користи за официјални церемонии на сите руски влади откако е основан.
Името Црвен плоштад не потекнува од бојата на тулите околу него, ниту пак има врска со црвената боја и комунизмот. Всушност, името потекнува од архаичниот руски збор красная (краснаја) кој што може да значи и „црвен“ и „прекрасен“ (второто значење е архаично). Зборот беше оригинално применет (со значењето „прекрасен“) на црквата на Св. Василиј, и постепено беше префрлено на блискиот плоштад. Се верува дека плоштадот го добил името во 17 век. И неколку други стари руски градови како Суздал, Јелец и Переслављ Заљескиј имаат главен плоштад со име краснаја плошчад, од името на московскиот Црвен плоштад.
[уреди] Скорешна историја
За време на советската ера, Црвениот плоштад ја зачува својата значајност, постанувајќи главен плоштад во животот на новата држава. Покрај тоа што бил официјална адреса на советската влада, беше реномирана локација за воени паради. Казанската катедрала и Портата на Воскресението и Ибериската капела беа демолирани за да се направи простор за тешки воени возила кои минувале низ плоштадот. Имало исто така и планови да се уништи и најпознатата градба во Москва, црквата на Св. Василиј. Легендата вели дека Лазар Каганович, сталинов соработник и шеф на московскиот план за реконструкција, подготвил специјална макета на плоштадот на која што можело да се отстранува црквата и ја донел на Сталин за да му покаже како црквата ги попречува парадите и сообраќајот. Но, кога Каганович ја шутнал црквата од плоштадот, Сталин приговорил со неговиот познат цитат: „Лазар! Врати ја!“
Две од најзначајните паради на Црвениот плоштад се онаа од 1941 кога градот беше опсаден од Германци и трупите го напуштаа градот право кон фронтовите линии, и Московската парада на победата од 1945, кога знамињата на поразените нацистички армии беа фрлени пред мавзолејот на Ленин.
[уреди] Знаменитости
Секоја зграда на Црвениот плоштад е легенда сама по себе. Една од овие е Лениновиот мавзолеј каде што е изложено телото на Владимир Илич Ленин, основачот на Советскиот Сојуз. Во близина се наоѓа црквата на Св. Василиј благословениот, градба со прекрасни светло-обоени куполи. Покрај неа, во близина се наоѓаат и многубројните цркви на Кремљ. На источната страна на плоштадот се наоѓа стоковната куќа ГУМ, а веднаш до неа се наоѓа реставрираната Казанска катедрала. На северната страна се наоѓа државниот историски музеј чии што куполи се издигаат онолку високо колку и кулите на Кремљ. Единствениот извајан споменик на плоштадот е бронзената статуа на Кузма Минин и Дмитриј Пожарски, кои помогнале во ослободувањето на Москва од полските освојувачи во 1612, односно т.н. Време на неволји. Во близина се наоѓа т.н. Лобноје мјесто (руски: Лобное место) кое претставува кружна платформа каде што се одржувале јавни церемонии. Самиот плоштад е околу 330 метри долг и 70 метри широк. [1]
[уреди] Понатамошни факти
- 1924: Сместување на Ленин во провизорен мавзолеј направен од дрво
- 1930: Преправање на лениновиот мавзолеј во неговата сегашна форма
- На 28 мај, 1987, германски пилот со име Матијас Руст слета со лесно летало пред црквата Св. Василиј, веднаш до Црвениот плоштад.
- 1991: Московскиот Кремљ и Црвен плоштад беа меѓу првите места од СССР во листата на заштитени објекти на УНЕСКО.
- На 14 август 1999 бендот Ред Хот Чили Пеперс (англиски: Red Hot Chili Peppers) одржаа концерт спонзориран од музичката телевизија ем-ти-ви (англиски: MTV) пред околу 200.000 гледачи.
- Најпоследно (на 2 јули 2005) се одржа концерт на Live 8.
[уреди] Видете исто така
- Кремаљски ѕид
- Некропола на Кремаљскиот ѕид
- Кремаљски кули
- Александрова градина