Македонски месеци
Од Википедија, слободна енциклопедија
Дванаесетте месеци во годината, кои денес во Република Македонија се прифатени и се нарекуваат со стандардните меѓународни именски форми кои водат потекло од латинските имиња на месеците, имаат свои македонски имиња кои во денешниот говор се архаизирани и најчесто се користат во официјалните работи и изданија (верски календари) на Македонската православна црква како и во некои рурални региони во Македонија. Потеклото на македонските имиња на месеците во основа е поврзано со природните циклуси или земјоделските работи кои се случуваат или вршат во периодот на соодветниот месец. За некои исти месеци се познати и повеќе различни имиња, употребувани во различни региони во Македонија. Денешните современи имиња на месеците најпрвин почнале да се употребуваат кон крајот на XIX век најчесто со завршеток на -ја како на пример јануарија, февруарија, септемврија, декемврија итн. Нивното наполно прифаќање и навлегување во секојдневниот говор настанало со процесот на масовно образување на населението во училиштата.
[уреди] Имиња на македонските месеци
Бр. | Стандардно име | Изворно име |
---|---|---|
1. | Јануари | Коложег |
2. | Февруари | Сечко |
3. | Март | Цутар |
4. | Април | Тревен |
5. | Мај | Косар |
6. | Јуни | Житар |
7. | Јули | Златец |
8. | Август | Жетвар |
9. | Септември | Гроздобер |
10. | Октомври | Листопад |
11. | Ноември | Студен |
12. | Декември | Снежник |
Во македонскиот етнички предел Голо Брдо во Албанија за одредени месеци се користат следниве имиња и форми: коложек или колоџек за Јануари, черешнар или црешнар за Јуни, жетвар за Јули, дорвар или дрвар за Ноември и јôдре за Декември.