Плачковица
Од Википедија, слободна енциклопедија
Плачковица е средно висока планина во источниот дел на Република Македонија. Највисок врв на оваа планина е Лисец со 1.754 м. Се издига помеѓу Струмичко-Радовишката котлина на југ и Кочанска Котлина на север, во правец северозапад-југоисток. Должината на главниот планински гребен изнесува 34 км. Со долината на Зрновска Река, планината Плачковица е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок со највисок врв Туртел 1.689 м, а источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1754 м), Чупино Брдо (1725 м), Бел Камен (1707 м), Кара Тепе (1625 м) и други. Геолошкиот состав го чинат гранити (на исток), кристалести шкрилци, гнајсеви и тесен појас на мермери на запад. Релјефот е интересен, претставен со флувијални зарамнини (површи) во повисоките делови и страмни планински страни од раседен карактер.
Планината е расчленета со повеќе длабоки речни долини. Инаку реките кои се побројни и побогати со вода на северната страна, имаат длабоки долини и голем надолжен пад. Така на Зрновска Река има повеќе брзаци, водопади и џиновски лонци. Во мермерните карпи има и појава на пештери. Западните и југозападните падини се голи и развиена е ерозија, додека другите делови се под шума.
Климата на подрачјето од Плачковица е умерено-континентална, со одредено влијание на средоземна клима од јужен правец. Средногодишните температури се околу 10-12 степени Целзиусови. Врнежите се скромни и во просек годишно паѓаат околу 500 мм во пониските до 800 мм во повисоките делови.