Рахел Рејш
Од Википедија, слободна енциклопедија
Рахел Рејш (хол. Rachel Ruysch), (3 јуни 1664 — 12 август 1750) е холандска сликарка која специјализирала во сликање на мртва природа со цвеќе.
Родена е во Хаг, но на 3 годишна возраст се сели во Амстердам. Таму татко ѝ Фредерик Рејш, славен анатом и ботаничар, бил назначен за професор. Во куќата направил огромна збирка на раритети. Му помагала на татко ѝ во украсувањето и прготвила примерок liquor balsamicum со цвеќиња и тантела. На 15 години Рејш станала чирак на Вилем ван Алст, истакнат сликар од Делфт, познат за неговите слики на цвеќе.
Во 1693 се омажила за портретистот Јуриан Пол (1666-1745) и имале 10 деца.
Во 1701 Рејш била примена во сликарскиот еснаф во Хаг. Неколку години подоцна била поканета во Дизелдорф да биде дворски сликар на електорот на Рајнскиот Палатинат, Јохан Вилхелм. Таму останала од 1708, па сѐ до смртта на кнезот во 1716. Тука биле поканети и Јан Веникс и Адриан ван дер Верф. Откако се вратила во Холандија, Рејш продолжила да слика за важни клиенти.
Рејш била и позната по деталните и реалистични отсликувања на кристални вазни. Живеела 85 години и според датираните дела може да се заклучи дека сликала од времето кга била млада девојка, па скоро до смртта. Денес познати се некаде околу стотина нејзини слики. Пoзадината на сликите e обично темна. Рејш умрела во Амстердам.