Стогово
Од Википедија, слободна енциклопедија
Стогово е планина во западниот дел на Македонија која се протега делумно во меридијански правец север - југ, односно северозапад - југоисток. На север и исток Стогово се надоврзува со планината Бистра, а на југ преку врвот Бабин Срт (2240 метри надморска височина) се надоврзува на планината Караорман. На запад и југозапад падините на Стогово ги оградуваат Дебарското поле и долината на реката Црн Дрим односно областите Дримкол и Малесија, додека пак на исток и југоисток ги оградува Кичевската котлина и северниот дел на областа Дебарца. Планината е млада верижна со остри сртови и припаѓа на Шарскиот планински систем. Највисоки врвови се Стогово - 2318 метри и Голем Рид - 2268 метри надморска височина. Застапеноста на флората е „по катови“ односно во подножјето се застапени листопадните букови и дабови шуми, кон врвот тие се заменети со боровите зимзелени шуми, а самите каменести врвови се опкружени со високотревнати пасишта познати под името „алпски пасишта“.