Црква „Св. 40 Севастиски маченици“
Од Википедија, слободна енциклопедија
Средновековната црква во близина на населбата Банско се наоѓа на 1,5 км северно од селото и 1 км западно од асфалтниот пат за Банско.
Археолошкиот локалитет на новооткриената црква, исто така посветена на Св. четириесет маченици од Севастија, говори дека таа била ѕидана како епископски храм. Во кој временски период оваа црква ја имала ваквата функција треба да покажат понатамошните испитувања. Дали тоа било пред или после подигањето на втората односно на третата Водочка црква, засега не е утврдено.
Поврзаноста на почитувањето на Св. четириесет Севастиски маченици присутни во живописот на Света Софија во Охрид, и во оштетениот живопис на Водочката црква, коишто датираат од средината на XI век, стилот на градбата и пронајдените предмети во гробниците веднаш до самата црква, даваат одговор за поврзаноста на оваа црква во Банско со Водочките цркви, како и со онаа во Струмица, посветена на Св.Петнаесет Тивериополски свештеномаченици. Но сепак со сигурност се знае дека црквата во Банско не била епископска црква за време на струмичкиот епископ Мануил, којшто живеел во втората половина на XI век. Затоа, може да се претпостави со извесна сигурност дека црквата во Банско најверојатно била подигната во периодот на владеењето на династијата Комнени, кога во Македонија, после падот на Самоиловото царство, повторно се зацврстува византиското влијание и кога се подигнати повеќе значајни сакрални објекти.
[уреди] Од животот во манастирот
Широките метални порти директно водат во манастирскиот двор. Под сенките на големите дрвја се наѕираат контурите на старото и новото. Манастирот ги прими своите први монаси, коишто дојдоа од Водочкиот манастир на 1 септември 2001 година. За неполни две години се подигнати нови конаци и обновена е малата црква посветена на две светителки со името Параскева: на Преподобната чиишто мошти денес почиваат во Јаши (во Романија) и на Преподобната маченичка Параскева (од Рим). Во просториите на стариот конак малубројното братство започна со одгледување печурки, како единствена можност да организира сопствена економија којашто би ги задоволувала скромните материјални потреби на монашкот живот. Во најтивкиот и најживописниот дел од комплексот е подигнато ново ателје за иконопис.