Андреја Дамјанов
Од Википедија, слободна енциклопедија
Андреја Дамјанов (1813-1878) е еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот. Роден е во село Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот. Неговата градителска умешност била забележана и во Европа, особено од патеписците кои Андреја го споменуваат како вреден и ценет мајстор. Неговите цркви се сметаат за бисери на сакралната архитектура на Балканот. При изградбата на црквите кои ги решавал како тробродни базилики со полуцилиндречни сводови, Дамјанов особено внимавал на акустиката во ентериерот на црквата како и на декортивните елементи на столбовите кои се белег на неговите градби. За негова најубава и неповторлива градба се смета соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ во Велес, изграден во 1840 година. Дамјанов е градител на црквата во манастирот “Св. Јоким Осоговски“ кај Крива Паланка како и на црквите „Св. Богородица“ во Ново Село, штипско и „Св. Архангел Михаил“ во Чичево. Во Србија ги изградил црквите „Св. Илија“ во Печењевац, „Св. Ѓорги“ во Смедерево, соборната црква во Ниш како и соборната црква во Сарево. Тој ја завршува и градбата на црквата во Мостар. Андреја Дамјанов се смета за ненадминлив градител на сакралани објекти на Балканот.