Македонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
-
- Оваа статија се однесува на Македонија како поширок географски регион. За државата, видете Република Македонија. За други значења, видете Македонија (појаснување)
Македонија е етнички, географски и историски регион на Балканскиот Полуостров во југозападна Европа, со површина од 67741,2 километри квадратни и население од 4,65 милиони жители (од кои 69,08% се етнички Македонци). Ова е територијата која ја сочинува Македонија според идејата за „Обединета Македонија“.
Содржина |
[уреди] Географија
Македонија го зафаќа средишниот дел на Балканскиот полуостров, односно просторот што на север е ограден со планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила, на југ со р. Бистрица и брегот на Егејското море до утоката на р.Места, на запад со билата на планините Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд, додека пак на исток Македонија е оградена со западните падини на планините Родопи. Територијата истотака се совпаѓа со басенот што се простира од (од запад кон исток) реките Бистрица, Вардар и Струма (од кои Вардар наводнува далеку најголема површина) и рамнините околу Солун и Сер.
Македонија има карактеристичен релјеф кој во најголем дел е составен од планини кои припаѓаат на старите грамадни планини на родопската група и младите верижни планини на шарската група. На територијата на Македонија се застапени и голем број на котлини особено во средишниот и западниот дел, а има повеќе природни езера како Охридско Езеро, Преспанско Езеро, Дојранско Езеро, Островско Езеро, Петерско Езеро, Костурско Езеро, Лагадинско Езеро, Бешичко Езеро и др.
[уреди] Политичко-административна поделба
Регионот е поделен меѓу Република Македонија, со нешто повеќе од 38% од вкупната површина; Егејска Македонија или јужниот дел во составот на Грција, со речиси половина од површината и населението, и источниот дел е под Бугарија, со помалку од 10%, во провинцијата на Благоевград. Мал дел на македонска територија се наоѓаат и во составот на Албанија, а тоа е областа Мала Преспа. Различните региони често се споменуваат како Вардарска Македонија за Република Македонија, Егејска Македонија за грчкиот дел и Пиринска Македонија за бугарскиот дел.
[уреди] Потекло на името Македонија
Постојат најразлични толкувања за проникнувањето на името „Македонија“.
Македонскиот народ се нарекува себеси „Македонци“ по името на родоначалникот Македон кој ги обединил предмакедонските племиња и народи во еден народ.
Македонците се етнички супстрат од негрчките и индоевропски народи, чиј етнички состав го сочинувале некои среднобалкански народи и племиња, меѓу кои се вбројуваат: Бригите (Фригите), Енетите (Венетите), Пајонците, Пелагонците и други. Дел од Бригите потиснати со дорските миграции по Тројанската војна се отселува во Мала Азијa. Лингвистите забележуваат дека во јазикот на овие Бриги, во Мала Азија познати и како како Фриги (област Фригија), постои голема сродност со главнината на само стотината познати старомакедонски голоси (скромни останки од протогениот македонски јазик). Ова мислење го застапува и проф. Нада Проева и дава аргументи за тврдењето дека Македонците немаат дорско потекло, како што тврди на неколку места во својата историја, грчкиот антички писател Херодот.
Како што вели Џ.Р.Елис, така и грчкиот професор и археолог Фотис Пецас тврди дека Македонците уште пред да дојдат на просторот на Македонија, го имале своето име Македонци и тие на оваа територија која дотогаш имала друго име и го дале своето народно име. Конкретно проф. Пецас пишува: „Македонија го зеде името од Македонците. До 700 год. пред Христа, Македонците биле ограничени западно од планината Каракамен (Вермион) или јужно од Халиакамби. Големото море меѓу планините беше уште непознато за Македонците. Некаде околу 700 год. п.н.е ги запоседнаа источните падини на Вермион, како што учиме по Херодот. Ова големо поле меѓу Бистрица (Халиакум) уште не беше и не се викаше Македонија. Македонците се проширија до Вардар (Аксиос) малку подоцна како што учиме од Тукидид. Филип ја донесе Македонија до реката Места (Нестос) во 348 год п.н.е..“. „Она што нѐ интересира денес“ – продолжува проф. Пецас е „дека Македонците ѝ го дадоа своето име на Македонија и ја проширија од планината Пинд и Олимп до места на исток и до Црна Река (Еригон) на север. Така, Македонците го дадоа името на својата земја. Името Македонци беше најпрвин народно, а потоа стана историографски поим Македонија”.
[уреди] Историја
Види Историја на македонскиот народ
На територијата на Македонија жители се забележуваат уште од старото камено време (Палеолитот) односно на повеќе места се пронајдени пештерски живеалишта што сведочат дека во Македонија живееле луѓе уште 2000 години пред нашата ера. Голем подем областа Македонија добива во времето на Античко македонското царство кое започнало со царот Каран во 808 г.п.н.е.,а најголем подем доживеало во периодот на владеењето на Александар Македонски и неговиот татко Филип II Македонски. Појавата на христијанството, Македонија ја дочекува под римска власт. Од овој период е значајно што Македонија е една од првите земји во Европа која го примила христијанствотот преку првата покрстена Македонка Лидија. Христијанството во Македонија го ширел апостолот Павле, кој според Библијата на сон бил повикан во Македонија од еден човек Македонец. По поделбата на римското царство Македонија подолг период ќе биде под власта на Византија. Големи етнички промени во Македонија ќе настанат со доселувањето на Словените во текот на V и VI век, чии главни карактеристики се главно обележје на Македонија до денес. Кон крајот на IX век солунските браќа Кирил и Методиј во Македонија ќе ја состават првата словенска азбука - глаголица на основа на говорот во Солунско, која подоцна ќе биде усовршена во кирилица од страна на нивните ученици Климент Охридски и Наум Охридски. Кон крајот на X на територијата на Македонија царот Самуил ќе го устоличи своето големо словенско македонско царство кое ќе опфаќа големи делови од Балканот, а по Беласичката битка ќе биде уништено од Византија. Во текот на средниот век Македонија неколку пати ќе влезе во составот на средновековните српски и бугарски царства. Во 1392 година Македонија е заземена од Турците османлии и станува дел од Отоманската империја во која ќе остане до 1912 година. По двете Балкански војни, на Букурешкиот мировен договор во 1913 година Македонија ќе биде поделена на три поголеми делови кои ќе бидат доделени на Србија, Бугарија и Грција. По втората светска војна со првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински ќе биде прогласена НР Македонија (подоцна СР Македонија) како национална држава на Македонскиот народ на терторијата на Вардарска Македонија (делот под окупација на Србија) како република на СФРЈ. Конечно на 8 септември 1991 година се прогласува самостојна, независна, суверена Република Македонија на територијата на Вардарска Македонија преку отцепување од СФРЈ.
[уреди] Видете исто така
- Македонци
- Република Македонија
- Егејска Македонија
- Пиринска Македонија
- Вардарска Македонија
- Мала Преспа
- Античка Македонија
- Антички Македонци
- Александар Македонски
- Географска распространетост на македонскиот народ
- Историја на македонскиот народ
[уреди] Надворешни врски
- МакПортал, Портал за македонците во дијаспората
- Вистинска Македонија, податоци за Македонија
- HLA genes in Macedonians and the sub-Saharan origin of the Greeks, Генетско истражување (pdf формат)