Ел Сид
Од Википедија, слободна енциклопедија
Родриго Дијаз де Вивар, попознат како Ел Сид Кампеадор ("Големиот витез"), е роден близу Бургос, во 1043 и умрел во Валенсија во 1099. Ел Сид е познат шпански народен херој, симбол за вистински патриот и витез. Ел Сид пораснал заедно со тогашниот принц, а подоцна крал на Кастилја, Санчо Втори. Ел Сид бил многу близок со Санчо. Принцот Санчо бил најстар син на кралот Фердинанд Први. Кога кралот починал, тој го подели кралството помеѓу своите пет деца. Санчо ја добил Кастилја, Алфонсо - Леон, Гарсија - Галиција, Урака - Замора, и Елвира го добила Торо. Кога Санчо станал крал во 1065, тој му ја дал на Родриго највисоката позиција во кралскиот двор - Родриго бил Командант на Кралската армија. Санчо верувал дека Шпанија треба да остане обединета, а Родриго го поддржувал. Но, Урака го одбивала повторното обединување, како и другите деца на Фердинанд Први.
Врз кралот Санчо бил извршен атентат во 1072. Кастилјаните се согласиле Алфонсо да стане нивен крал. Алфонсо станал крал на Кастилја и на Леон.
По некое време Ел Сид го обвинил Алфонсо за учество во убиството на родениот брат Санчо и го натерал да се заколне дека нема ништо со тоа. Потоа Сид продолжил да ја врши својата должност, а се венчал со Алфонсовата внука Химена во 1074. Ел Сид бил испратен во Севилја како амбасадор, а потоа бил обвинет за задржување пари и богатства наменети за кралот Алфонсо. Тој бил осуден и протеран; бил неколку месеци на служба кај Маварските кралеви. Првата декада од прогонството ја поминал во војни во разни христијански и муслимански армии. Сепак, му останал лојален на кралот Алфонсо, иако кралот одбивал да му прости.
Во 1090, Сидот, заедно со кралевите на Сарагоса и Арагон, здружени, пружиле отпор и го сопреле напредувањето на Берберите Алморавиди во источна Шпанија. Во ноември 1092 тој ја нападнал Валенсија, која била под власт на Берберите. Во 1094, Ел Сид со својата војска го освоил регионот на Валенсија и потоа му го понудил на кралот Алфонсо. Алфонсо ја прифатил понудата и го поставил Ел Сид за владетел на Валенсија.
Сидот се обидел и успеал да го зголеми присуството на Христијаните во големиот муслимански град. Тој владеел со Валенсија се до смртта, на 10 јули 1099. Неговата вдовица Химена го наследила, но во 1102 таа била приморана да ја предаде Валенсија на Алморавидите.
Се до денес, Родриго Дијаз де Вивар е значаен херој на христијанска Шпанија. Ел Сид исто така бил голем воен стратег и витез, и има најголема заслуга во враќањето на шпанските територии. Ел Сид бил супериорен и екстремно успешен воин кој де факто никогаш не бил поразен.
[уреди] Ел Сид во литература
Напишани се повеќе литературни дела за Ел Сид од кои најзначајни се драмата Le Cid од францускиот драматург Пјер Корнеил и шпанскиот еп Песна за Сид (Cantar de Mio Cid).