Итар Пејо
Од Википедија, слободна енциклопедија
Итар Пејо е еден од најпознатите ликови во македонските народни приказни, кој е многу омилен меѓу младите читатели. Итар Пејо, некаде познат и како Итроман Пејо или Итар Пејо - Мариоец е обичен сиромашен македонски селанец од Мариово кој се одликува со извонредна итрина, мудрост и снаодливост. Во приказните за него тој секогаш на итар начин им се оддолжува на тие што сакаат да му наштетат (обично турските големци), а неговите постапки често изнудуваат смеа и почит кај читателите. Најчест соперник во приказните на Итар Пејо е Насредин Оџа, а Итар Пејо често ги насамарува и лакомите селски попови. За него има преку триесетина приказни кои во збирката “Итар Пејо“ најпрвин ги има собрано писателот Стале Попов (познат хроничар и раскажувач на Мариово). Последниве години на неколку пати повторно се издаваа дополнети збирки со приказните за Итар Пејо, а дел од приказните за него се преведени и на неколку странски јазици. Дел од приказните и доживувањата на Итар Пејо се и екранизирани (снимени). Според некои кажувања, личноста Итар Пејо навистина постоела и била од мариовското село Градешница.