Крсте Црвенковски
Од Википедија, слободна енциклопедија
Крсте Црвенковски (Прилеп, 16 јули 1921 - Скопје, 21 јули 2001) е еден од водечките македонски политичари и дисиденти од времето на комунизмот. Учесник е во НОБ и носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941.
Содржина |
[уреди] Пристапување кон КПЈ и учество во НОБ
Кон комунистичкото движење пристапува уште како ученик во гимназија, станувајќи член на СКОЈ во 1935 година, на 14 години. Во 1939 година е примен во членство на КПЈ и влегува во Месниот комитет за Прилеп. По завршувањето на гимназијата, по налог на Партијата се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје, но набрзо е принуден да премине во илегала.
По окупацијата на Југославија во 1941 година зема активно учество во подготовките на востанието и е учесник, а потоа и политички комесар на Прилепскиот партизански одред, што го изврши нападот од 11 октомври. Во февруари 1942 година е упатен на работа во заднината на територијата на Македонија под италијанска окупација, но во септември истата година е уапсен во Гостивар и одведен во затворот во Тирана.
По два неуспешни обиди, Црвенковски во април 1943 година успева да побегне од затворот и да се префрли во Западна Македонија. Именуван е за секретар на Обласниот комитет на КПМ за Западна Македонија, а во јули 1944 станува секретар на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Учествува во борбите на Првата македонско-косовска бригада, а зема учество и во Февруарскиот поход.
[уреди] Повоена кариера
По ослободувањето Црвенковски врши повеќе раководни функции. Во јануари 1948 година е избран за член на Политбирото на ЦК СКМ, а во 1951 година е избран за организациски секретар. Во 1958 година е избран за министер за просвета и култура во сојузната влада. Во 1963 година тогашниот секретар на СКМ, Лазар Колишевски, паѓа во немилост кај Јосип Броз Тито и е повлечен во Белград, а на негово место во јули 1963 година доаѓа Црвенковски.
Во јуни 1966 година е именуван за претседател на Комисијата за испитување на работата на државната безбедност, формирана како дел од напорот да се испита и отстрани преголемата моќ на тајната полиција предводена од Александар Ранковиќ. По отстранувањето на Ранковиќ од раководните функции, во Југославија доаѓа до либерализација, а главен носител во Македонија е Црвенковски.
На Петтиот конгрес на СКМ во ноември 1968 година, Црвенковски е реизбран на чело на СКМ, но на таа функција останува до март 1969 година, кога повторно е повикан на работа во Белград, во новоформираното Извршно биро на ЦК на СКЈ. Во овој период Црвенковски станува член на Претседателството на СФРЈ, а во периодот јуни 1971 – јуни 1972 е и потпретседател на Претседателството. Мандатот на член на Претседателството му завршува во 1974, по што повеќе нема да врши ниту една функција во Федерацијата или во Републиката.
[уреди] Дисидентство
Наспроти политиката на струјата на Лазар Колишевски, политиката на Црвенковски е во насока на поголемо почитување на Македонија во рамките на Југословенската федерација и во таа насока тој се залага за поголема самостојност на републиките во федерацијата. Во раните седумдесетти им дава поддршка на предводниците на Хрватската пролет, поради што кога централното југословенско раководство решава да се пресмета со т.н. „либерали“, во Македонија една од главните жртви ќе биде токму тој.
Во 1972 година Црвенковски се повеќе е напаѓан од догматското крило во Партијата за во декември истата година на затворен состанок на македонското раководство да биде остро критикуван. На 36-та седница на ЦК СКМ, одржана во јануари 1973 година, Црвенковски се одлучува да изврши своја самокритика, по што му е дозволено да го заврши својот мандат на член на Претседателството на СФРЈ. По завршувањето на мандатот на оваа функција во мај 1974 година, Црвенковски како политички неподобен ќе биде целосно маргинализиран и до распадот на Југославија нема да врши никаква јавна функција.
На почетокот на плурализмот тој е дел од Иницијативниот одбор за формирање на Социјалдемократската партија на Македонија, но се повлекува уште пред да биде формирана партијата. Остатокот од животот го поминува, пишувајќи мемоарски записи.
Татко е на екс министерот за надворешни работи и амбасадор во Велика Британија, Стево Црвенковски.
[уреди] Творештво
Крсте Црвенковски е и публицист и аналитичар на политичкото и национално движење во Македонија. Ги има објавено следните дела:
- „Проблеми на реформата на универзитетот“ (1959, на српскохрватски јазик)
- „Сојузот на комунистите на Македонија и демократизацијата на општеството“ (1971)
- „Во одбрана на македонската кауза“ (1989)
- „Подводни гребени на политиката: разговори со Крсте Црвенковски“ (1993)
- „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ (заедно со Славко Милосавлевски) (1996)
- „На браникот на македонската самобитност: материјали од политичките разговори за македонското прашање“ (1999)
- „Заробена вистина“ (постхумно, 2003)