Никола Карев
Од Википедија, слободна енциклопедија
Никола Карев (Крушево, 23 ноември 1877 (нов стил) - с. Рајчани, Кочанско, 27 април 1905 (нов стил)) е истакнат македонски социјалист и револуционер. Учесник во Илинденското востание и раководител („Претседател“) на Крушевската република.
Содржина |
[уреди] Школување и заминување на печалба
Никола Карев е роден како четврто дете во сиромашното јагленарско семејство Кареви. Во 1892 година е принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак. Во 1895 година го напушта своето родно огниште и како 16-годишно момче заминува на печалба во Бугарија. Во прво време работи како помошник ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов.
[уреди] Влегување во редовите на ТМОРО
Во Крушево се враќа во септември 1899 година и се зафаќа со докомплетирање на своето образование. Поради полагањето на завршниот испит во јуни 1900 година, Карев не учествува на Првата социјалистичка конференција. Сепак ги прифаќа нејзините одлуки, во прв ред одлуката за влегување на македонските социјалисти во редовите на ТМОРО. Социјалистите во ТМОРО се примени во февруари 1901 година, а со тоа и Карев станува дел од ТМОРО.
Во јуни 1901 година завршува четврти клас во Битолската гимназија и во учебната 1901/1902 станува учител во крушевското село Горно Дивјаци. Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.
[уреди] Водач на Крушевската република
На чело на Крушевскиот револуционерен комитет застанува во јануари 1903 година. На Смилевскиот конгрес во мај истата година се спротивставува на решението за кревање на Илинденското востание, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен да се крене на востание. Сепак, по одлуката за кревање востание, во својство на началник на Горскиот крушевски штаб, Карев активно учествува во подготовка и организација на востанието. Спроти Востанието, тој, во име на Штабот, објавува Проглас во кој го повикува народот на востание. Ноќта на 2 август 1903 година околу 750 востаници, предводени од горскиот начелник Никола Карев, го нападнале и го ослободиле Крушево.
За време на востаничката власт во Крушево, Карев е на чело на Штабот на крушевските востаници и не врши ниту една од функциите во новоизбраните цивилни органи на востаничката власт. Сепак, фактички, тој бил на чело на новата востаничка власт во Крушево, поради што обично му се припишува функцијата претседател на Крушевската република, иако за тоа нема формална основа. Како што напиша Кочо Топузоски:
- „Беспредметни се сите дискусии, дури и во научната јавност за тоа дали Никола Карев бил или не бил 'избран' за 'Претседател на Крушевската република'. Тоа прашање воопшто не соодветствува на тогашните прилики, зашто таква 'функција' во деновите на крушевската слобода воопшто не постоела и не можела да постои.“ (Топузоски, 126 стр.).
Помеѓу поважните одлуки што ги донесе Карев е упатувањето на Крушевскиот манифест до околното муслиманско население го кое братски се повикуваше да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија.
Под негово водство востанието во Крушево стана најголемиот успех на Илинденското востание.
[уреди] Повлекување во Бугарија и убиство
Со паѓањето на градот во турски раце, тој со своите соработници се повлекува во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година се префрла во Белград, а оттаму во Софија. Во Софија ја обновува својата активност и учествува во формирањето на Македонско-одринската социјалистичка група во 1905 година, како огранок на Бугарската работничка социјалдемократска партија.
По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, Карев во пролетта 1905 година решава да го стори тоа нелегално. На 26 април неговата чета на пат за Крушево преноќува во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип. Но, тука се предадени и веднаш сардисани од турската војска. Следниот ден, на 27 април во нерамна борба со турскиот аскер кај месноста Свиланово загинува Никола Карев, заедно со многу борци од неговата чета.
[уреди] Посмртните останки на Карев
Посмртните останки на Карев во 1953 година, по повод одбележувањето на 50-годишнината од Илинденското востание, се пренесени во Крушево. На 11 април 1990 година тие се пренесени во Македониумот.
[уреди] Литература
- Кочо Топузоски „Никола Карев: 1877-1905: живот и потоа“ (2005)
- Орде Иваноски „Никола Карев“ (1968, 1989, 1991)