Пресвета Богородица-Перивлептос
Од Википедија, слободна енциклопедија
Пресвета Богородица-Привлептос е црква во Охрид изградена пред 1295. Фресконатписот во нартексот, покрај други личности, ги споменува Прогон Згур и годината на „подигањето“, односно живописот на црквата, 1295.
Содржина |
[уреди] Историја
Подоцнежните историски податоци зборуваат за големиот углед што го имала црквата во 15-тиот век, особено за сето време под турската власт. Деволскиот епископ Григориј ја соѕидал и ја живописал (1364-65) северната капела (посветена на Григориј Богослов), а потоа била соѕидана јужната капела (посветена на Св. Никола) и отворениот трем околу црквата каде што се насликани портретите на некои ктитори и на други современи историски личности. По уривањето на манастирската црква Св. Пантелејмон, во црквата Богородица Привлептос се пренесени моштите на Св. Климент (па затоа е наречена Климентова црква), а истовремено таа станува седиште на охридските архиепископи и на „музејот на архиескопијата“ со својот печат (засега најстар на Балканот)
[уреди] Архитектонски карактеристики
Црквата има основа на византиските куполни цркви со впишан крст во правоаголен простор. Куполата во наосот се потпира врз четири слободни столба, а слепа слепата купола во нартексот на четири пиластри. Ѕидана е од камен, бигор и тули, а со нивна комбинација се подигнати различни декоративни површини (меандер, шаховско поле, рибина коска). Овој начин на ѕидање се заснова врз традицијата пренесена од византиската метропола, но црквата Богородица Привлептос, како и некои други во Македонија, укажуваат и на непосредни врски со градителството од 13-тиот век во Епир.
[уреди] Значење за историјата на уметноста
Извонредните уметнички вредности на фреско-декорацијата и ризницата од икони на оваа црква заземаат истакнато место во науката. Врз основа на откриените потписи се знае дека фреските во 1295 ги извеле сликарите Михаил Астрапа и Евтихиј. Тоа се проминентни личности на ликовното творештво од крајот на 13-тиот и првите децении на 14-тиот век на Балканот, а нивните дела по уметничкиот квалитет се рамни на современите остварувања во византиската културна метропола.
[уреди] Извор
- Оваа статија содржи текст од второто издание на Енциклопедијата на Југославија, публикација која сега е во јавниот домен.