Смиле Војданов
Од Википедија, слободна енциклопедија
Смиле Војданов (1872-1958) е илинденски војвода и долгогодишен активист во македонското национално движење во татковината и во емиграција.
Смиле Војданов e роден во охридското село Лактиње (сега во општина Дебрца). Рано го напуштил школувањето и му се приклучил на македонското ослободително движење. Во Македонија се истакнал како еден од врвните водачи на Илинденското востание во Охридско, при што заедно со Дејан Димитров биле одговорни за реонот на Дебрца.
По задушувањето на Илинденското востание, Смиле Војданов не се откажува од идејата за независна македонска држава. Својата борба ја продолжува во Северна Америка, каде долги години ќе дејствува меѓу македонските емигранти во САД и Канада.
Во куќата на Смиле Војданов во градот Понтијак, во државата Мичиген, во 1929 година е формирана првата независна македонска група. По формирањето на повеќе вакви групи во различни градови на САД, на 22 и 23 март 1930 во градот Толедо (Охајо) беше одржана Првата конференција на македонските независни групи. Тогаш Смиле Војданов е избран за претседател на централното раководно тело.
На Првиот редовен конгрес за обединување на групите, од 24 до 26 април 1931 во Гери (Индијана), Смиле Војданов е избран за претседател на новоформираниот Македонски народен сојуз.
По Втората светска војна го поздравува формирањето на Македонската република и се вклучува во испраќањето хуманитарна помош за татковината.