Социјалистичка партија на Македонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) е партија која себеси се карактеризира како партија со лева демократска социјалистичка ориентација, но е поточно ако се каже дека станува збор за партија со социјалдемократска ориентација. Нејзин лидер е Љубисав Иванов - Ѕинго.
[уреди] Историја на партијата
СПМ е основана на 22 септември 1990 година. Таа е правен наследник на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија.
Првиот конгрес на Партијата се одржа во jуни 1991 година и на Конгресот беше усвоена Политичка програма и Статут на партијата. Партијата зема учество во првите плуралистички парламентарни избори во 1990 година кога имаше 6 пратеници во Парламентот. На вторите парламентарни избори во 1994 година СПМ освои 8 пратенички места и беше четврта партија според бројот на пратеници во Собранието. Партијата партиципираше во Владата со тројца министри и еден потпретседател на Собранието.
На Вториот конгрес на СПМ кој се одржа во јули 1995 година беше избран нов лидер на Партијата. На местото на првиот претседател на Партијата, Киро Поповски, за претседател беше избран Љубисав Иванов - Ѕинго. Неговиот избор за претседател на партијата беше потврден на Третиот конгрес на СПМ во март 2000 година.
По долгогодишното сојузништво со СДСМ, на изборите 2002 СПМ настапи самостојно, освојувајќи 2,1% од гласовите и еден мандат во Собранието на Република Македонија. Подоцна, во декември 2003 година, СПМ стапи во коалиција со Демократска алтернатива и со Демократскиот сојуз, наречена „Трет пат“. По повлекувањето на ДА од коалицијата пред локалните избори 2005, СПМ продолжи да биде во коалиција со ДС, а подоцна овие две партии влегоа во изборниот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, во чиј состав настапија и на парламентарните избори 2006 година. На овие избори во Македонското собрание се избрани тројца пратеници од СПМ. СПМ е застапена и во Владата на Никола Груевски со еден министер, Аце Спасеновски, кој е министер за земјоделство.